Илјадници Турци протестираа поради апсењето на градоначалникот на Истанбул
- Илјадници Турци излегоа синоќа на улиците во поголемите градови Турција трета ноќ по ред, барајќи од властите да го укинат притворот на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, пренесува ДПА. Протести имаше во Истанбул, Анкара и Измир и покрај забраната за јавни собири.

Истанбул/Анкара, 22 март 2025 (МИА) - Илјадници Турци излегоа синоќа на улиците во поголемите градови Турција трета ноќ по ред, барајќи од властите да го укинат притворот на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, пренесува ДПА.
Протести имаше во Истанбул, Анкара и Измир и покрај забраната за јавни собири, објавија локалните медиуми.
Во Истанбул луѓето извикуваа пароли како „Влада, оставка!“
Полицајците употребиле солзавец против демонстрантите кои сакале да ја пробијат полициската блокада. Демонстрации за вечер се ајавени и во многу други градови низ земјата.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја на Х објави дека се уапсени 97 демонстранти.
Протести се одржаа и во Анкара пред седиштето на главната опозициска Народна републиканска партија (НРП).
Покрај симпатизери на НРП, на протестот учествуваа и други политички партии, меѓу кои и прокурдската партија ДЕМ, Турската комунистичка партија, Работничката партија, повеќе синдикати, како и млади - студенти и ученици.
Учесниците на протестот вееја турски знамиња и скандираа антивладини слогани како „Закон, правда и правда“, „Оставка на владата“.
Лидерот на НРП Озгур Озел претходно повика на мирни протести поради апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу и покрај забраната на властите.
Забрани за организирање собири од вчера се воведени во Анкара и во Измир. Претходно ваква забрана беше воведена и во Истанбул.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во петокот ги нарече протестите „уличен терор“ и ја обвини главната опозициска Народна републиканска партија (НРП) на Имамоглу дека ги искористила истрагата и приведувањето како изговор за да ја втурне земјата во хаос.
- Нема да толерираме никакво нарушување на јавниот ред. Како што претходно не сме се поклониле на уличниот терор, така и сега нема да попуштиме на вандализмот, рече Ердоган.
Тој ја ја обвини и НРП, која е партија основач на модерна Турција, за корупција и поттикнување немири.
Судот допрва треба да ги разгледа наводите за корупција и тероризам против Имамоглу и неколку други лица.
Приведувањето на градоначалникот во средата предизвика протести низ целата земја. Властите одговорија со силни безбедносни мерки и забранија собири во поголемите градови, вклучувајќи ги Истанбул, Анкара и Измир.
НРП се подготвуваше да го именува Имамоглу за свој претседателски кандидат во неделата кога беше приведен. НРП најави дека и покраи приведувањето, сепак ќе ја продолжи постапката за избор на претседателски кандидат.са/
Фото: ЕПА