• сабота, 23 ноември 2024

Изјава на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски за ребалансот на Буџетот за 2022

Изјава на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски за ребалансот на Буџетот за 2022
Скопје, 23 мај 2022  Почитувани, Во текот на месец јуни, во Собранието ќе се разгледува Ребалансот на Буџетот за 2022 година. Двоецот Бесими – Ковачевски, пред само 6 месеци во ова Собрание не убедуваа дека Буџетот за 2022 година е направен за да одговори на кризите со кои се соочува државата и дека ќе има рекордно ниво на капитални расходи, кои ќе го надминат буџетскиот дефицит. За потсетување, уште во ноември државниот врв бил информиран дека Русија ќе ја нападне Украина, а уште од летото 2021 знаеја дека цената на електричната енергија ќе расте. За само шест месеци, двоецот Бесими - Ковачевски, призна дека во Буџетот имале испланирано 200 милиони евра непродуктивни трошоци, кои сега ги кратат. Почитувани, Од почетокот на пандемијата во 2020 година, постојано сме во криза, донесени се два ребаланси во 2020 година, Буџет и Ребаланс за 2021 година и Буџет за 2022 година. Тоа значи 5 Буџета во период од две години и секогаш велат дека непродуктивните трошоци ги кратат за стотина милиони евра. Ребалансот на Буџетот за 2022 година, сеуште не е достапен на пратениците, но и на пошироката јавност, но од пресот на министерот за финансии можеме да заклучиме дека повторно се кратат капиталните расходи т.е. развојниот дел на еден Буџет. Уште при носењето на Буџетот им рековме дека немаат капацитет и знаење за реализација, па затоа бројките велат дека за 4 месеци имаат реализирано едвај 100 милиони евра односно 16,3% од планираното. Наместо процентот на реализација да надминува 30%, тие имаат едвај 16% реализација. Нема развој, без инвестиции, тоа го знае секој. Во исто време власта предводена од СДСМ по којзнае кој пат буџетскиот дефицит го проектира да е поголем од капиталните расходи, со што паѓаат во вода сите изјави на министерот Фатмир Бесими за почитување на златното правило "капиталните расходи се поголеми од буџетскиот дефицит". Со овој Ребаланс доаѓаат и новите проекции на Министерството за финансии за оваа година, според кои инфлацијата се очекува да е околу 7%, а растот да е 3,2% наспроти првично предвидените 4,6%. Тоа е намалување на проекцијата за раст за повеќе од 25%. Што се однесува пак на проекцијата дека инфлација дека ќе биде 7,2% би изјавил дека граѓаните најдобро знаат дали цените што ги плаќаат се покачени само за 7% или таа стапка е двоцифрена. Во оваа прилика би сакал да предупредам и дека лошото менаџирање со енергетските капацитети од страна на власта не доведе до покачување на цената на струјата за 30тина проценти во последните 3 години, а веќе на лето се очекува и ново покачување кое може да биде повторно двоцифрено. Почитувани, Владата на СДСМ и ДУИ мора да си замине час поскоро. Колку подолго се на власт, толку поблиску сме до банкрот. Јавниот долг се очекува да ги пробие сите можни граници, и таа од 8 милијарди евра и таа од 65% од БДП. Генерации и генерации ќе треба да ја плаќаат неспособноста, незнаењето, но пред се криминалот и корупцијата на оваа Влада. Почитувани, Предвремени парламентарни избори час поскоро се неопходни за доброто на Република Македонија. Ви благодарам. Изјава за медиуми на Бојан Стојаноски, пратеник на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ —————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан