• понеделник, 23 декември 2024

Израелците излегоа на улиците низ земјата барајќи договор за заложниците и нови избори

Израелците излегоа на улиците низ земјата барајќи договор за заложниците и нови избори

Тел Авив, 18 август 2024 (МИА) - По завршувањето на уште една рунда преговори за договор за прекин на огнот во Газа, илјадници луѓе во Израел синоќа повторно излегоа на улиците во земјата за да демонстрираат за поддршка на склучувањето на договорот за ослободување на заложниците, јави ДПА.

На еден од митинзите, мајката на заложникот кој го држеше палестинската милитантна група Хамас го повика раководството на израелските безбедносни сили да го спречат премиерот Бенјамин Нетанјаху да го саботира договорот, објави израелскиот весник Аарец.

Земјите посредници Катар, Египет и САД се надеваат дека договорот ќе доведе до прекин на огнот, како и ослободување на заложниците кои сè уште се држат во Појасот Газа.

-Дури и да не е совршена зделка, таа е единствена на маса, рече таткото на еден од заложниците на друг митинг.

Протести се одржаа во крајбрежната метропола Тел Авив, во Хаифа и многу други места во земјата.

Многумина од демонстрантите го обвинуваат Нетанјаху дека го саботира договорот и се поклонува на барањата на неговите ултра-религиозни и екстремно десничарски коалициски партнери, соопшти ДПА. Партнерите се противат на какви било отстапки за Хамас, а Нетанјаху зависи од нив за неговиот политички опстанок.

Демонстрантите, исто така, повторно повикаа на оставка на владата и на одржување нови избори.

Во случај на нови избори, Нетанјаху може да ја загуби премиерската функција, коментира ДПА. Ова, пак, ќе го забрза неговото гонење по обвиненијата за корупција. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан