• сабота, 18 јануари 2025

Израелските заложници ќе бидат разменети за 1.904 палестински затвореници

Израелските заложници ќе бидат разменети за 1.904 палестински затвореници

Тел Авив, 18 јануари 2025 (МИА) - Вкупно 1.904 Палестинци треба да бидат ослободени од израелските затвори и логори за време на прекинот на огнот договорен меѓу Израел и Хамас, објави денеска израелската влада.

За возврат, Хамас треба да ослободи 33 од 98 израелски заложници за време на шестнеделната пауза во борбите, што започнува во недела наутро, пренесува ДПА.

Според израелската влада, меѓу Палестинците има 1.167 приведени жители на Појасот Газа кои не биле вклучени во нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на Хамас.

Тие главно се сметаат за борци на Хамас кои биле заробени во текот на 15-месечните борби во Појасот Газа.

Останатите 737 Палестинци кои треба да бидат ослободени се затворени за помали прекршоци како што се фрлање камења на Западниот Брег или илегално преминување на границата, илегално поседување оружје или други прекршоци.

Сепак, оваа група вклучува и Палестинци кои отслужуваат казни за тешки злосторства како што е убиство. Според списокот објавен од израелското Министерство за правда, 22 затвореници кои треба да бидат ослободени се обвинети за сериозни напади врз Израелци.

Ова вклучува поединци како Закарија Зубеиди, кој беше командант на вооруженото крило на движењето Фатах, Бригадите Ал-Акса, во Џенин за време на втората Интифада од 2000 година.

Околу 3.500 Палестинци и повеќе од 1.000 Израелци беа убиени за време на бунтот од 2000 до 2005 година.

На списокот затвореницит што треба да бидат пуштени е и Махмуд Аталах, кој отслужува доживотна казна затвор за убиство на Палестинка обвинета за соработка со Израел, како и Ваел Касем и Висам Абаси, за кои се тврди дека учествувале во бомбашки напади во Израел со десетици жртви. 

Сепак, најистакнатиот палестински затвореник во Израел, Марван Баргути од раководството на Фатах, нема да биде ослободен. Тој во 2004 година беше осуден на доживотен затвор за пет убиства.

Прекинот на огнот во Појасот Газа договорен од Израел и палестинското исламистичко движење Хамас, треба да стапи во сила во недела наутро во 08:30 часот по локално време, а во текот на утрешниот ден се очекува да бидат ослободени и првите групи изралески заложници и палестински затвореници.са/

Фото: ЕПА

Остани поврзан