• четврток, 16 јануари 2025

Избрани тројца членови на Одборот на директори на АмЧам и доделени признанија за најдобри практики на општествена одговорност

Избрани тројца членови на Одборот на директори на АмЧам и доделени признанија за најдобри практики на општествена одговорност

Скопје, 27 ноември 2024 

Американската Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам), во вторникот, на 26-ти ноември, го одржа своето 24-то Генерално Собрание на кое беа избрани тројца членови на Одборот на директори, се доделија признанија за најдобрите практики на општествена одговорност (CSR) на компаниите-членки и беше направен преглед на најзначајните постигнувања за годината што изминува.

Собранието беше отворено со поздравни говори на Иван Костиќ, Претседателот на Одборот на директори на АмЧам, и Н.Е. Ангела П. Агелер, Амбасадор на САД во Република Северна Македонија кои изразија благодарност за АмЧам за спроведените активности во изминатата година и ги споделија своите очекувања за успешна имплементација на многуте иницијативи и проекти од кои се очекува да го зајакнат домашниот деловен екосистем и да поттикнат регионална соработка, планирани за годината што доаѓа.

Во работниот дел, покрај тековните одлуки, беше направен и избор на тројца членови во Одборот на директори на АмЧам. Андреј Петрески (Cisco), Славко Пројкоски (Македонски Телеком) и Бојан Стојаноски (Стопанска Банка) беа избрани и добија двегодишен мандат во Одборот на директори.

На Генералното собрание беше одбележан и клучен момент во проектот „Партнерства за донирање“, поддржан од УСАИД, а имплементиран од АмЧам во партнерство со Асоцијација Конект. Во рамки на настанот беа доделени признанија за највлијателните општествено одговорни практики на компаниите. Меѓу наградените компании за 2024 година се најдоа:

· Халкбанка за проектот „Фустани со џебови“;

· Битолска Млекара за проектот „Растеме заедно“;

· Стопанска Банка за проектот „Вози право - вози здраво“;

· ТИТАН Цементарница Усје за проектот „ Вклучување на вработените, развој и добросостојба“;

· Зегин за проектот „ЗЕГИН Спектратон - Трка на херои во сите бои“.

Пред членките беа претставени и извештаи за тековното работење на АмЧам, а претседателите на комитетите ги презентираа најзначајните постигнувања за 2024 година. Исто така, беа најавени и дел од приоритетните проекти за периодот што следува, во согласност со стратегијата на АмЧам за периодот 2024-2028. Во фокусот на овие иницијативи ќе бидат економскиот развој, предвидливоста на деловното опкружување, дигитализацијата, здравствениот систем, човечкиот капитал и одржливоста.

Aмериканската стопанска комора во Северна Македонија е бизнис асоцијација на повеќе од 150 членки од најразличен спектар на бизниси, од мали претпријатија и локални компании до големи странски инвеститори, кои заедно обезбедуваат вработување за повеќе од 42.000 лица и остваруваат годишен приход повисок од 9 милијарди американски долари.

Американската стопанска комора во Северна Македонија е акредитиран член на Стопанската комора на Соединетите Американски Држави и на мрежата на Американски стопански комори во Европа, организација која претставува 49 Американски стопански комори од 47 земји во Европа и Евроазија.

Американска Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам)

_____________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото Американска Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам)

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан