• понеделник, 18 ноември 2024

Зеленски внимателен во врска со информацијата дека САД одобриле употреба на ракети со долг дострел против Русија

Зеленски внимателен во врска со информацијата дека САД одобриле употреба на ракети со долг дострел против Русија

Киев, 18 ноември 2024 (МИА) – Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа претпазливо ја примил информација дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ќе и дозволи на Украина да користи оружје што го обезбедуваат САД за напади длабоко на руска територија.

Зеленски ова го изјави за време на своето редовно обраќање, но не ја потврди директно веста, пренесе Бета.

Потсетувајќи на важноста на „капацитетот на ракетите со долг дострел“ за војската, Зеленски рече дека многу медиуми јавиле дека Украина е овластена „да преземе соодветни мерки“.

- Сепак, нападите не се вршат со зборови, такви работи не се најавуваат. Ракетите ќе зборуваат сами за себе, рече Зеленски.

Белата куќа се уште не објави ништо за ова прашање.

Овој потег на САД, два месеци пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да стапи на должност на 20 јануари, следи по неколкумесечните барања на украинскиот претседател да и дозволи на украинската војска да користи американско оружје за да гаѓа руски воени цели далеку од границата.

Промената на американската политика уследи по руското распоредување на севернокорејски копнени трупи за дополнување на сопствените сили, што предизвика тревога во Вашингтон и Киев.

Њујорк тајмс и Би-би-си вчера јавија дека три извори запознаени со ова прашање потврдиле за Ројтерс дека Бајден и дозволил на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади длабоко во територијата на Русија. јт/

Фото: Х скриншот

Остани поврзан