• сабота, 23 ноември 2024

Здружението на дерматовенеролози подели флаери за подигање на јавната свест за псоријазата

Здружението на дерматовенеролози подели флаери за подигање на јавната свест за псоријазата

Скопје, 18 октомври 2023 (МИА) - Здружението на дерматовенеролози на Македонија, во пресрет на Светскиот ден за одбележување на борбата против псоријаза, денеска на улица „Македонија“ кај споменикот на Мајка Тереза им подели материјали на минувачите со цел запознавање со оваа болест и подигање на свеста за нејзината важност.

- Денеска тука се собравме да свртиме внимание на една болест која е широко распространета и за која недоволно се зборува. Во организација на здружението на дерматовенеролози на Македонија и со поддршка на Клиниката за дерматовенерологија да дадеме еден акцент на оваа болест која зафаќа некаде повеќе од три проценти од светската популацијата и кај која се трудиме со сите сили да обезбедиме и нови модерни средства за терапија на пациентите, изјави претседателот на Здружението на дерматовенеролози на Македонија, проф. д-р Андреј Петров.

Тој истакна дека станува збор за хронична болест која е вознемирувачка за пациентите и влијае на квалитетот на нивниот живот и поради тоа докторите ќе вложат максимални напори во иднина таа да се совлада со најмодерните средства што постојат во светот и кои сега се достапни и кај нас.

- Благодарение на напорите што се вложени, успеавме во голем дел да ја поминеме првата бариера, и стигнавме до точка да почне да се употребува биолошка терапија во нашата земја, што е голем исчекор напред за државата, се разбира, со многу мала бројка која не е доволна и која треба се повеќе и повеќе да се зголемува, додаде Петров.

Директорот на Клиниката за дерматовенерологија, Дејан Филиповиќ, нагласи дека псоријазата е една честа хронична болест, најчесто генетска, која зема голем замав од најлесните форми кои лесно се третираат, па се до екстремно тешки форми за кои е потребна хоспитализација. Познато е дека оваа болест прави најчесто психички проблеми поради промените што се јавуваат на телото.  

- Ние на нашата клиника работиме со најтешките случаи на псоријаза. Имаме одличен тим од лекари кои ги владеат сите терапии за оваа болест, значи располагаме со повеќе терапевтски модалитети тргајќи од фототерапијата, а сега сакаме да ја инкорпорираме и биолошката терапија која што е најнова и најефективна за третирање на болеста, истакна Филиповиќ.

Тој додаде дека цената на терапијата е доста висока, но дека моментално имаат можности да набават онолку колку што е потребна.

Филиповиќ најави дека планираат отворање Центар за згрижување на пациенти со псоријаза. сан/нд/

Фото: МИА

 

 

 

Остани поврзан