• вторник, 24 декември 2024

Пет години од потпишувањето на Договорот од Преспа

Пет години од потпишувањето на Договорот од Преспа

Атина, 17 јуни 2023 (МИА) - На 17 јуни 2018 година, во малото село Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското езеро од грчка страна, Скопје и Атина го потпишаа договорот од Преспа со кој се затвори долгогодишниот спор меѓу двете земји и се отвори патот за нови перспективи во билатералните односи, јави дописничката на МИА од Атина.

Договорот, кој многумина го сметаат за историски, но и модел за мирно решавање на споровите, го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Северна Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Осум месеци по потпишувањето и откако беше ратификуван во нашето Собрание и во грчкиот Парламент, Договорот, на 12 февруари 2019 година и официјално стапи во сила.

Согласно договореното, Република Македонија се преименуваше во Република Северна Македонија, државјанството стана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

На решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, но имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение, се до крајот на 2017 година кога се интензивираа разговорите по речиси тригодишен застој и беше постигнат Договорот.

Со решението, за нашата земја се отвори патот кон НАТО и ЕУ, а на југ доби земја- пријател, но и сојузник, како што често велат политичарите и од двете страни на границата, а билатералните односи се на завидно ниво, како од политички, така и од економски аспект.

Северна Македонија стана 30-та членка на НАТО, а грчките воени авиони се одговорни за надгледување на македонскиот воздушен простор.

Во Грција, иако една година по потпишувањето, се смени власта, сепак, Договорот се почитува, а интензивирана е соработката меѓу двете земји, во низа области како што се економијата, енергетиката, а официјална Атина и понатаму е силен поддржувач на европската перспектива на Северна Македонија.

Ставот на Владата на Нова демократија за време на четиригодишниот мандат беше дека и покрај тоа што како опозиција не го поддржаа Договорот, како Влада има обврска да го почитува, бидејќи станува збор за меѓународен договор.

За разлика од предизборниот период во 2019 година, кога Договорот од Преспа беше една главните теми за конфронтација меѓу партиите, особено меѓу СИРИЗА и Нова демократија, овој пат, како и во пресрет на изборите на 21 мај, така и сега пред следните на 25 јуни, решението меѓу Скопје и Атина, главните грчки партии воопшто не го ни споменуваат.

Во однос на имплементацијата на Договорот, постојат одредени доцнења од грчка страна, како што се одржувањето на вториот Совет на високо ниво и ратификацијата на трите меморандуми за соработка во Парламентот.

Согласно договореното, Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји, „ќе се состанува најмалку еднаш годишно и ќе биде надлежно тело за правилно и делотворно спроведување на оваа Спогодба и Акцискиот план кој ќе произлезе од истата”.

Првата и единствена меѓувладина седница беше одржана во Скопје во април 2019 година, при посетата на тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас, додека пак на втората домаќин треба да биде Грција.

Решението на спорот со името целосно ги нормализираше билатералните политички односи кои влегоа во нормален тек, со редовна и активна меѓусебна комуникација, со средби и посети, а резултираше и со прва официјална посета во Грција на претседател на Северна Македонија, како и прва официјална посета на грчки премиер на земјава.

Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот шеф на државата кој ја посети Грција и со високи почести беше пречекан во Атина, додека пак помалку од една година по потпишувањето на Договорот, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас го посети Скопје и се одржа првиот Совет за соработка на високо ниво кој го сочинуваат претставници на двете влади, заеднички предводен од премиерите.

Премиерите на Северна Македонија, како претходниот, Зоран Заев, така и актуелниот Димитар Ковачевски неколку пати беа во Грција, на различни настани во земјата, а во изминатите четири години, додека Нова демократија беше на власт, се сретнуваа со до неодамнешниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис. ср/ац/

Остани поврзан