• петок, 22 ноември 2024

Затоплувањето и возилата се најголеми загадувачи на воздухот во Струмица

Затоплувањето и возилата се најголеми загадувачи на воздухот во Струмица

Струмица, 25 септември 2024 (МИА) - Најголемо учество во загадувањето на воздухот во Општина Струмица има согорувањето на биомасата, која на годишно ниво учествува со 35 отсто и во зимскиот период ги надминува дозволените гранични лимити. Втор извор на загадување е сообраќајот, а другите извори учествуваат со помал процент, рече Афродита Зенделска, професорка на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, која вечерва во Струмица ги претстави резултатите од мониторингот на квалитетот на воздухот и главните извори на загадување на воздухот во Општината на првата сесија од Форумот на заедниците.

Мерењата за загадувањата на воздухот се вршени во периодот од март лани до април годинава и се собрани 190 примероци кои се анализирани во лабораторијата „Амбиком“ при УГД Штип и од овие анализи се добиени шест извори на загадувања.

-Во Струмица имавме поставено една мерна станица, веднаш до мерната станица на Министерството за животна средина и просторно планирање. Примероците беа земани преку еден ден и овие примероци беа анализирани, рече професорката Зенделска.

Според неа, биомасата претставува согорување на огревно дрво, но тоа не подразбира дека тоа се користи само во домаќинствата, туку секаде каде тоа согорува.

-Значи може да се најде во некоја индустрија, во некои фурни, ресторани кои го користат огревното дрво. Друг извор којшто е поврзан со био масата е со согорување на оган на отворено и горење на отпад. Овој извор го има во одреден процент во Општината и е најголем во периодот мај-јуни и во зимскиот период, потенцираше Зенделска.

Според градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов, Општината презема низа крупни ангажмани кои се во функција на зачувување на животната средина и спречување на загадувањето на воздухот. 

-Ќе почнам од една од последните, би рекол, историска  активност. Станува збор за непобитниот факт дека Струмица стана првиот град на Балканот кој воведе целосен електричен јавен превоз, со набавка на автобуси, исклучиво на електричен погон. Истото важи и за проектот „Струмица-паметен вело град“ кој го реализираме со помош на канцеларијата  на Европската Унија. Првата фаза од овој проект од 2021 година е  реализирана и ги дава посакуваните резултати. Неодамна ја најавивме и втората фаза која ќе донесе дополнителни 5,5 километри велосипедски патеки, а ќе следува и третата и последна фаза.На овие проекти треба да се додаде и непобитниот факт дека Струмица беше и останува првата гасифицирана општина во државава, со што правиме усилби  гасот како енергенс да го направиме што подостапен за граѓаните. Па така, покрај субвенционирањето во цената на гасот, целосно го субвенционираме и приклучокот за сите нови корисници во износ од 47 илјади денари, истакна Костадинов. 

На вечерашната форумска сесија учествуваа граѓани и претставници на еколошки организации и друштва. Нивните барања се подготвената анализа да биде појдовна точка за преземање на мерки и активности за намалување на загадувањето на воздухот, особено во зимскиот период.

Форумот на заедниците има две сесии, а на втората, која треба да се одржи на 24 октомври пред граѓаните ќе се претстават неколку конкретни мерки, со цел да се одберат најсоодветните кои општината заедно со УНДП ќе може да ги спроведе во текот на 2025 година. Тие мерки може да се фокусираат на зголемување на енергетската ефикасност на училиштата, замена на нееколошките системи за греење во јавните општински објекти, поставување на системи за производство на струја од обновливи извори, изградба на велосипедски патеки, креирање на парк-шуми и слични активности.

Фондот за спроведување на мерките изнесува околу 340.000 американски долари, а Општината се очекува да кофинансира половина од средствата за оваа намена.

Проектот „Справување со загадувањето на воздухот“ е финансиран од владата на Шведска, а го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP) во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Струмица. рт/мд/

Фото: МИА 

 

Остани поврзан