• вторник, 07 јануари 2025

Заменик-министерката Трајков оствари средба со претставници од Шведската агенција за миграција

Заменик-министерката Трајков оствари средба со претставници од Шведската агенција за миграција

Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков се сретна со повеќечлена делегација од Шведската агенција за миграција (SMA), државна институција одговорна за управување со прашањата поврзани со миграцијата во Шведска, соопштија од Министерството за европски прашања.

Од делегацијата предводена од шведската амбасадорка во Скопје, Ами Ларсон Џеин  ја истакнале посветеноста на Шведската Влада кон миграцијата како клучен приоритет, нагласувајќи дека активно работат на зајакнување на меѓународната соработка за поддршка на безбедна, контролирана и легална миграција.

Претставниците на Шведската агенција за миграција споделиле информации за тековната студија која ќе постави основа за нова програма насочена кон јакнење на капацитетите за миграција во земјите на Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија.

На средбата било дискутирано за моменталните предизвици во областа на миграцијата, како и за приоритетите на државата, особено во контекст на борбата против нерегуларната миграција, спречувањето на трговијата со луѓе, управувањето со визните прашања и подобрувањето на капацитетите на притворските центри.

Заменик министерката Трајков го поздравила интересот на Шведска за унапредување на соработката, истакнувајќи ја важноста на миграционата политика за процесот на пристапување кон Европската Унија. Таа нагласила дека јакнењето на институционалните капацитети и регионалната координација се клучни за ефикасно справување со миграциските предизвици.

Двете страни се согласиле дека развојната соработка најдобро се спроведува преку тесна координација со релевантните државни органи, земајќи ги предвид тековните активности. сст/

 

Остани поврзан