• вторник, 28 јануари 2025

Заврши двегодишниот проект за имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030

Заврши двегодишниот проект за имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030

Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Министерството со здравство денеска го означи завршувањето на двегодишниот проект „Имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030 година“ спроведен во  партнерство и со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Проектот почна во септември 2022 и опфати шест различни компоненти – од психијатриска грижа за деца и адолесценти, преку реорганизација на болничкиот систем, развој на палијативна нега до проценка и унапредување на јавноздравствените програми. Проектот опфатил и активности за Општата болница во Скопје и  евалуација на стратешкото финансирање на здравствениот систем. 

Негова цел е Стратегијата да ја претвори во конкретни мерки и активности со кои ќе се подобри здравствената заштита на граѓаните. Препораките што произлегле треба да бидат  основа за акција во наредниот период што ќе придонесе за изградба на поефикасен, похуман и подостапен здравствен систем.

-Стратегијата го дефинира патот и визијата за здравство, додека проектот ја направи оваа визија реалност преку конкретни препораки и применливи решенија. Овозможивме темели за одржливи и долгорочни промени во здравствениот систем... денешниот настан е почеток на ново поглавје  за подобрување на здравствената заштита, истакна министерот за здравство Арбен Таравари, според кого придобивките се  подобро искористување на ресурсите и исполнување на приоритетите за превентивана грижа.

Во изминатите две години проектот бил клучен механизам за изнаоѓање конкретни решенија и насоки во шесте области усогласени со легислативата на Европската Унија. Претставничката од Делегацијата на ЕУ, Мари-Маделин Канелополу, истакна дека е важно националните власти да ги разгледаат наодите и, како што рече, да обезбедат кадар и ресурси за да се спроведат препораките. 

-Важно да имате лица што ќе обезбедат спроведување на препораките во согласност со најдобрите медицински практики. Да потсетам дека во последниот Извештај на Европската комисија се спомнува дека Северна Македонија е умерено подготвена во областа  здравствена заштита и постигнат е умерен напредок во скрининг на ракот. Исто така се спомнува дека финансирањето е значително под европскиот просек, исто како и  бројот на специјалисти. Значи, потребни се специјалистички медицински услуги, рече  Канелополу, додавајќи дека недоволниот кадар е „премногу голем јаз за да се обезбеди ефикасен пристап до здравствена заштита“. хс/аа/

Фото: МИА 

Остани поврзан