Божиновска-Ванделт: Германските компании заинтересирани за инвестирање во зелени проекти во Македонија
- Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се сретна со претставници на Германската стопанска комора (AHK Северна Македонија).
Скопје, 28 јануари 2025 (МИА) - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се сретна со претставници на Германската стопанска комора (AHK Северна Македонија).
На средбата, како што информира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, присуствуваше директорката на АХК Антје Ванделт и заменик-германскиот амбасадор Јан-Аксел Фос и се разговараше за продлабочување на билатералната соработка во областа на енергетската транзиција.
Министерката Божиновска ја истакнала важноста на партнерството со Германија во процесот на премин кон обновливи извори на енергија и декарбонизација. Таа ги презентирала тековните активности, вклучувајќи го новиот Закон за енергетика кој стапува на сила оваа година, како и плановите за зголемување на инвестициите во соларни и ветерни капацитети.
Ванделт, како што се наведува, ја нагласи заинтересираноста на германските компании за инвестирање во зелени проекти во Македонија, особено во секторите за обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност и ја истакна важноста на стабилната регулаторна рамка и транспарентните процедури за привлекување на странски инвестиции. Ја информираше министерката и го најави делегациското патување на тема „Децентрално снабдување со енергија преку сопствени фотоволтаик системи“, кое ќе се одржи оваа година и ќе овозможи воспоставување на соработка помеѓу германски и македонски стопанственици.
- Двете страни се согласија дека зајакнувањето на соработката во енергетскиот сектор ќе придонесе за економски раст. Министерката Божиновска ја изрази својата благодарност за поддршката од германските партнери и ја потенцираше посветеноста на Владата за создавање поволна бизнис-клима за странските инвеститори, се вели во соопштението.
Од ресорното министерство посочуваат дека оваа средба претставува продолжение на досегашната успешна соработка меѓу Северна Македонија и Германија во областа на енергетиката. Во декември минатата година министерката Божиновска учествуваше на стручната конференција за декарбонизација организирана од АХК Северна Македонија, каде беа разгледани можностите за проширување на инфраструктурата за обновливи извори на енергија во регионот. мд/aa/
Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини