• сабота, 23 ноември 2024

ЕУ ќе потпише договор за Фронтекс со Албанија

ЕУ ќе потпише договор за Фронтекс со Албанија

Брисел, 8 септември 2023 (МИА) - Советот на ЕУ донесе одлука за потпишување договор со Албанија за оперативни активности на Европската агенција за гранична и крајбрежна заштита (Фронтекс).  

Како што соопшти денеска Европскиот совет, договорот ќе овозможи организација на заеднички операции и распоредување на тимови на Фронтекс за контрола на границите во Албанија.  

- Благодарерни на овој договор, Фронтекс ќе може да и помага на Албанија во контрола на миграциските текови и во справувањето со илегалната имиграција и прекуграничниот криминал, се додава во соопштението. 

По повод одлуката, шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, изјави дека договорот има за цел спречување на прекуграничниот криминал и илегалната имиграцијата, кои претставуваат големи предизвици, како за земјите членки на ЕУ, така и за нејзините најблиски држави соседи. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, покрај контрола на границите на ЕУ, Фронтекс им мисија за помош во надзорот на граничните линии и на други земји кои не се членки на Унијата, за што се склучуваат посебни договори. Договори за соработка за Фронтекс, ЕУ досега има потпишано со Северна Македонија, како и со Молдавија, Србија и Црна Гора. 

Со новата регулатива на Европската агенција за гранична и крајбрежна заштита од 2019 година, Фронтекс може да им помага на земјите со кои има договори за соработка на целата нивна територија, а не само во регионите што граничат со држави членки на ЕУ, како што беше случајот со претходните правила. Новата регулативата, исто така, на припадниците на Фронтекс им дава и извршни овластувања, како што се гранични проверки и регистрација на лица. 

Одлуката на Советот на ЕУ за склучување на договорот за Фронтекс со Албанија, сега треба да биде одобрен од Европскиот парламент, по што тој ќе може конечно да биде склучен. Договорот ќе стапи во сила на првиот ден од вториот месец по датумот на кој Албанија и ЕУ меѓусебно ќе известат за завршувањето на нивните процедури за ратификација на документот. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан