ЕУ: Мора да се почитува изборната волја на народот на Венецуела
- Европската Унија ја поздравува решителноста на народот на Венецуела мирно и во голем број да ги остварува своите избирачки права на претседателските избори и нагласува дека мора да се почитува неговата волја, посочи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во реакција на случувањата во Венецуела по изборите во неделата.
Брисел, 30 јули 2024 (МИА) - Европската Унија ја поздравува решителноста на народот на Венецуела мирно и во голем број да ги остварува своите избирачки права на претседателските избори и нагласува дека мора да се почитува неговата волја, посочи високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел во реакција на случувањата во Венецуела по изборите во неделата.
- ЕУ ја признава посветеноста на опозицијата на изборниот процес и покрај нерамномерните услови за игра. Резултатите од изборите не се верификувани и не можат да се смета дека се одраз на волјата на народот на Венецуела, додека не се објават и проверат сите официјални записници од избирачките места, посочува Борел во реакцијата, додавајќи дека ЕУ внимателно го следи изборниот процес во земјата.
Борел посочува дека ЕУ го повикува Изборниот совет на Венецуела (ЦНЕ) максимално транспарентно да го спроведе процесот на сумирање на резултатите, вклучително и да овозможи непосреден пристап до евиденцијата за гласање на секое избирачко место и да ги објави изборните резултати за секое од нив посебно.
- ЕУ, исто така, ги повикува властите да обезбедат целосна и навремена истрага за сите постизборни жалби и поплаки. Веродостојните извештаи од домашни и меѓународни набљудувачи укажуваат дека изборите биле нарушени со бројни пропусти и нерегуларности. Европската Унија жали што ниту една од клучните препораки од набљудувачката мисија на ЕУ за изборите во 2021 година не е спроведена. Пречките за учество на опозициските кандидати, недостатоците во избирачкиот список и нерамномерниот пристап до медиумите придонесоа за нееднакви изборни услови, потенцира Борел.
Тој нагласува дека ЕУ е загрижена поради „произволните притворања и заплашувања“ на припадници на опозицијата и на граѓанското општество во текот на изборниот процес и повикува на итно ослободување на сите политички затвореници.
- ЕУ апелира на смиреност и ги повикува безбедносните сили да обезбедат целосно почитување на човековите права, вклучително и правото на мирно собирање, порачува високиот претставник на ЕУ.
Борел додава дека ЕУ ќе продолжи со сите политички и дипломатски напори за поддршка на дијалогот со цел да се постигне излез од политичката криза на мирен начин и преку преговори.
- ЕУ ја повторува својата поддршка на регионалните и меѓународните напори за олеснување на дијалогот и враќање на демократскиот легитимитет на венецуелските институции, нагласува Борел во реакцијата на претседателските избори во Венецуела. сп/
Фото: МИА Архива