• четврток, 06 март 2025

ЕУ изрази загриженост поради случувањата во српското Собрание 

ЕУ изрази загриженост поради случувањата во српското Собрание 

Брисел, 5 март 2025 (МИА) - Парламентот мора да биде место за демократска дебата во интерес на сите граѓани и мора целосно да ја одигра таквата своја улога, па затоа многу сме загрижени поради нарушувањето на работата на Собранието на Србија и насилството во него, се наведува во денешното соопштение на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) во врска со вчерашните случувања во српскиот законодавен дом.  

- Исто така, многу загрижувачки се и неодамнешните случувања во Србија насочени кон граѓанските организации. Граѓанското општество игра витална улога во развојот на демократско и плуралистичко општество, потенцира ЕЕАС. 

Во соопштението се посочува и дека Европската Унија постојано повикува на деескалација на тензиите, преку воспоставување услови за „инклузивен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни, вклучително и политичките актери, институциите и членовите на граѓанското општество, за да се спроведат реформите неопходни за иднината на Србија во ЕУ“. 

Претходно со реакција со слична содржина се огласи и еврокомесарката за проширување Марта Кос.  

Во Народното собрание на Србија вчера дојде до инциденти и насилство, откако пратеници од опозицијата фрлија димни бомби, при што беа повредени три пратенички. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан