• недела, 28 јули 2024

ЕУ ги прошири листите на санкции поврзани со руската инвазија врз Украина и состојбата во Мјанмар 

ЕУ ги прошири листите на санкции поврзани со руската инвазија врз Украина и состојбата во Мјанмар 

Брисел, 11 декември 2023 (МИА) – Советот на ЕУ денеска донесе одлуки за проширување на листите на физички и правни лица кон кои се воведуваат рестриктивни мерки поради нивната поврзаноста со руската агресија врз Украина и со случувањата во Мјанмар. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Советот воведе санкции против шест физички и пет правни лица вклучени во развојот и производството на иранските беспилотни летала кои ги користи Русија во „илегалната агресија врз Украина“. 

На листата на Иранци опфатени со санкциите поради иранската воена поддршка на руската агресија врз Украина, се додадени компаниите „Шакад Санат Асмари“ и нејзиниот извршен директор, заменик извршен директор и главен научник, потоа „Бахарестан Киш“ и нејзиниот управен директор, „Саад Сазех Фараз Шариф“ и нејзиниот извршен директор, како и компанијата „Сармад Електроник Сепахан“. 

Во врска со континуираната ескалација на неселективното насилство врз невооружени цивили, поткопување на демократијата и владеењето на правото и кршењето на човековите права во Мјанмар, на листата на санкционирани се додадени четири физички и две правни лица и тоа мјанмарски министер, двајца членови на Државниот административен совет и командант одговорен за воздушните напади врз цивили, пред се во државата Кајах, како и компаниите за производство на оружје и воена опрема „Стар Сафир Груп“ и „Ројал Шун Леи“. 

На сите лица додадени на листите на санкционирани им се замрзнува имотот во ЕУ и на субјекти од Унијата им се забранува директно или индиректно да им доставуваат или ставаат на располагање средства или економски ресурси. Дополнително, на физичките лица им се забранува влез во земјите членки на ЕУ. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан