• четврток, 20 февруари 2025

Ердоган по средбата со Зеленски: Турција ќе биде идеалниот домаќин за можните разговори меѓу Русија, Украина и САД

Ердоган по средбата со Зеленски: Турција ќе биде идеалниот домаќин за можните разговори меѓу Русија, Украина и САД

Анкара, 18 февруари 2025 (МИА) - Турција ќе биде идеалниот домаќин за можните разговори меѓу Русија, Украина и САД, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по средбата со неговиот украински колега Володимир Зеленски во Анкара.

Руско-украинската војна, која предизвика многу невини жртви и огромно уништување, „мора да прекине сега“, нагласи Ердоган.

Турскиот претседател посочи и дека дипломатската иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија е во согласност со досегашната политика на Турција.

Тој додаде дека уште еднаш му ја нагласил на Зеленски целосната поддршка на Турција за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и подготвеноста на Анкара да ги обезбеди сите видови поддршка за да може преговорите да доведат до траен мир.

Од своја страна, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека турско-украинските односи се на високо ниво, како и секогаш, и им се заблагодари на претседателот и народот на Турција за тоа.

„Турција зазеде многу принципиелна позиција за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина“, рече тој, додавајќи дека Анкара помогнала за ослободување на украински војници и цивили.

Зеленски исто така истакна „преговорите не треба да се случуваат зад нашиот грб“. Тој, исто така, рече дека Турција и Европа треба да учествуваат во дискусиите за завршување на војната. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан