Економски форум: Да се забрза замената на јагленот со обновливи извори, да се зголеми домашното производство на струја и храна и да се редизајнира државната помош
- Земјава да се фокусира на инвестиции во енергетскиот сектор, да ја забрза замената на јагленот со обновливи извори, да го зголеми домашното производство на струја и на храна и да направи сериозен редизајн на државната помош, особено во земјоделството, порачуваат експертите.
Скопје, 30 мај 2024 (МИА) - Земјава да се фокусира на инвестиции во енергетскиот сектор, да ја забрза замената на јагленот со обновливи извори, да го зголеми домашното производство на струја и на храна и да направи сериозен редизајн на државната помош, особено во земјоделството, порачуваат експертите.
Овие сугестии, како што беше речено на денешниот економски форум, се однесуваат, генерално, и на останатите држави од Западен Балкан. Сите тие преземаа слични мерки за справување со кризата, но не може да се каже прецизно која како и колку успешно се справи со последиците. Оценката е дека мерките дадоа резултат и моментно има поголема стабилност на цените.
Последните анализи покажуваат дека земјите од Западен Балкан трошат три пати повеќе енергија во споредба со земјите од ЕУ, за да произведат една единица БДП.
-Земјите од Западен Балкан извлекоа слични поуки од енергетската криза, дека е многу важно да се диверзифицираат енергетските извори. Но, една од најважните лекции е колку е важно да се воведат што повеќе обновливи извори на енергија, да не зависиме само од гасот. Земјите од Западен Балкан во голема мера го базираат својот енергетски сектор на јаглен, а тоа повлекува огромни трошоци зашто капацитетите кои работат на јаглен се застарени и мора да се заменат со обновливи извори на енергија. Оттука, пораката е дека треба да се забрза замената на јагленот со обновливи извори на енергија, изјави Кори Удовички од Центарот за напредни економски студии (ЦЕВЕС) - Србија пред почетокот на форумот насловен „По бурата: Управување со прехранбената и енергетската стабилност во Западниот Балкан“.
Според извршната директорка на „Фајненс тинк“, Благица Петрески, ако земјите од Западен Балкан сакаат во иднина да креираат поголема самоодржливост и отпорност, мора да продолжат со реформите. На краток рок е потребно дополнително таргетирање на социјалната поддршка и намалување и укинување на субвенциите за електрична енергија, додека на среден и долг рок фокусот треба да се стави на зголемување на домашното производство на електрична енергија и на храна.
-Енергетската криза сериозно влиајаеше врз порастот на цените на храната и енергенсите. Освен што се зависни од увоз на струја и фосилни горива, дополнителен проблем во земјите од Западен Балкан креираше и енергетската неефикасност во потрошувачката. Земјите од Западен Балкан трошат 50 проценти повеќе електрична енергија за да произведат еднаков обем на бруто домашен производ како земјите на ЕУ, а во последните шест години имаат три пати помала транзиција кон обновливи извори на енергија, истакна Петрески.
Изнесувајќи ги резултатите од анализите, таа напомена дека кризата значително ги погоди домаќинствата.
-Во БиХ порастот на цената на струјата од 17,4 проценти придонесе за пораст на сиромаштијата за четири отсто. Таквите состојби наметнаа потреба од фискална интервенција. Сите земји од Западен Балкан воведоа пакети мерки за справување со кризата. Проценката на тие пакет мерки е 3,5 милијарди долари. Само Северна Македонија за справување со енергетската криза потроши 3,2 отсто од БДП како субвенции за електрична енергија. Неопходни се инвестиции во енергетскиот сектор и сериозен редизајн на државната помош, особено во земјоделството и онаму каде што се неефективни, рече Петрески. мч/аа/
фото/видео: МИА