• вторник, 06 август 2024

Екипата на „Делиши компани“ победник на традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024“

Екипата на „Делиши компани“ победник на традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024“

Дебар, 6 август 2024 (МИА) - Со доделувањето на пехарите на најдобрите, синоќа заврши  традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024“, што е една од повеќе спортски и културни настани во рамки на манифестацијата „Дебарско културно лето“.

Во изминатите денови силите ги одмерија осум екипи а најдобра беше екипата „Делиши компани“, второто место и припадна на екипата на „Ресторан Дрилон“, додека третото на „Сем Терм“.

За најдобар фудбалер беше прогласен Фатјон Леши, најдобар голман Фатих Ќоку, додека за најферпеј Дегрим Каја.

Пехарите и медалите им ги врачи градоначалникот Хекуран Дука, кој не го криеше задоволството од фактот што турнирот минал во спортски дух.

- Задоволство ми е да оценам дека овој спортски настан заврши успешно во импозантна и радосна атмосфера каде беше прикажана спортската култура на натпреварувачките екипи, како и на публиката која ги следеше и ги поддржуваше нивните тимови. Се беше во ред, се фер-плеј, радост, дружба и младешко уживање. Им честитам на победниците за освоените места но и на сите за учеството, секако и на публиката што во голем број беше секоја вечер да ги следи натпреварите, рече Дука.

Турнирот се одржа под покровителство на општина Дебар, а градоначалникот најави дека и понатаму ќе бидат поддржувани вакви и слични настани. вт/зс/

Фото: МИА

Остани поврзан