Египет се подготвува за испорака на помош во Газа
- Египетските владини претставници денеска извршија увид во подготовките за испорака на хуманитарна помош во соседниот Појас Газа, еден ден пред да стапи на сила договорот за прекин на огнот и ослободување заложници меѓу Израел и Хамас, јави ДПА.
Каиро, 18 јануари 2025 (МИА) - Египетските владини претставници денеска извршија увид во подготовките за испорака на хуманитарна помош во соседниот Појас Газа, еден ден пред да стапи на сила договорот за прекин на огнот и ослободување заложници меѓу Израел и Хамас, јави ДПА.
Египетските министри за здравство и социјална солидарност ја прегледаа египетската страна на граничниот премин Рафа со Газа и логистичката област каде се стационирани околу 600 камиони со помош, соопштија локалните власти.
И двајцата министри ги обиколија болниците и медицинските установи во Северен Синај, подготвени да ги примат ранетите од Газа, објавија египетските медиуми.
Тие ја прегледаа и опремата на египетската Црвена полумесечина и нејзините логистички складишта во покраината, дел од Синајскиот Полуостров.
Министерот за здравство Калед Абдел-Гафар изјави дека Египет е подготвен да ги прими повредените Палестинци кои ја напуштаат Газа во наредните денови.
Во мај минатата година, Израел ја презеде контролата врз страната на Газа на преминот Рафа со Египет, во операција со која беше запрена испораката на помош преку виталниот објект во густо населениот крајбрежен појас. мс/
фото: МИА архива