• понеделник, 23 декември 2024

Европарламентот усвои Резолуцијата за потребата од континуирана поддршка на ЕУ за Украина 

Европарламентот усвои Резолуцијата за потребата од континуирана поддршка на ЕУ за Украина 

Стразбур, 17 јули 2024 (МИА) - Европскиот парламент ги реафирмира своите позиции за континуираната поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и непоколебливата посветеност на ЕУ за обезбедување политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка се додека таа презема за да ја обезбеди победата на Украина и ги повикува ЕУ и нејзините земји членки да работат активно кон одржување и постигнување на најширока можна меѓународна поддршка за Украина. 

Ова се наведува во Резолуцијата за потребата од континуирана поддршка на ЕУ за Украина, што беше усвоена со 495 гласа „за“, 137 „против“ и 47 „воздржани“ на попладневното продолжение на денешното заседание на Европскиот парламент во Стразбур. Предлагачи на резолуцијата беа 60-тина европратеници од редовите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР), либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ) и Зелените. 

- Повторуваме дека Украина, како жртва на агресија, има легитимно право на самоодбрана во согласност со членот 51 од Повелбата на ОН. Потсетуваме дека значајната, иако се уште недоволна, воена помош обезбедена од ЕУ, САД и партнерите е дизајнирана да и овозможи на Украина ефикасно да се брани од државата агресор и повторно да воспостави целосна контрола врз целата нејзина меѓународно призната територија, се нагласува во документот. 

Европратениците ги поздравуваат неодамна започнатите преговори за членство на Украина и Молдавија во ЕУ, чија интеграција претставува „геостратешка и демократска можност и инвестиција во обединета и силна Европа“.  

- Потсетуваме дека пристапувањето кон ЕУ е процес строго заснован на заслуги, кој бара исполнување на критериумите за членство, вклучувајќи ги и оние кои се однесуваат на демократијата, владеењето на правото, основните вредности и борбата против корупцијата, се вели во Резолуцијата, при што се нагласува и дека процесот на пристапување „бара соодветна финансиска и техничка помош од ЕУ“. 

Во документот се осудува неодамнешната посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Русија и се нагласува дека за време на овој престој тој не ја претставувал ЕУ.  

- Сметаме дека посетата е очигледно кршење на договорите на ЕУ и заедничката надворешна политика, вклучувајќи го и принципот на искрена соработка. Потенцираме дека унгарскиот премиер не може да тврди дека ја претставува ЕУ кога ги прекршува заедничките позиции на ЕУ. Сметаме дека ова прекршување треба да има реперкусии за Унгарија, се наведува во Резолуцијата. 

Во текстот натаму се изразува жалење поради тоа што Унгарија го „злоупотреби правото на вето во Советот за да спречи да и се додели суштинска помош на Украина“ и се упатива повик до Будимпешта да ја прекине блокадата на финансирањето на поддршката за Киев од Европскиот мировен фонд. 

Во Резолуцијата се додава и дека посетата на Орбан на Москва, како и онаа на Пекинг, биле „некоординирани и изненадувачки“ и не биле одобрени од ниту една институција на ЕУ или од земјите членки. 

Европратениците ја реафирмираат поддршката за мировната формула презентирана од украинскиот претседател Володимир Зеленски, нагласувајќи при тоа дека руската агресија врз Украина е дел од поширок сет на цели на Русија против Западот, демократијата и европските вредности. 

- Го поздравуваме исходот од Самитот на НАТО и го повторуваме своето уверување дека Украина е на неповратен пат кон членство во НАТО. Ги повикува ЕУ и нејзините земји членки да ја зголемат својата воена поддршка за Украина онолку долго колку што е потребно и во која било форма. Ја реафирмираме својата претходна позиција дека сите земји членки на ЕУ и сојузници во НАТО треба колективно и поединечно да се обврзат на воена поддршка на Украина со не помалку од 0,25 отсто од нивниот БДП годишно, се додава во документот. 

Со Резолуцијата се осудува неодамнешниот „варварски напад“ врз детската болница во Киев, се изразуваат „целосна солидарност и сочувство“ со семејствата на жртвите и се потсетува дека сите појави на тортура, силување и киднапирање деца од страна на руските сили се документирани. 

- Ги повикуваме ЕУ и нејзините земји членки активно да ги поддржат напорите за одговорност за воените злосторства во постојните меѓународни судови и институции, како и за формирање на специјален меѓународен трибунал за кривичното дело агресија. Го повторуваме своето цврсто уверување дека Русија мора да обезбеди финансиска компензација за огромната штета што ја предизвика во Украина, се наведува во Резолуцијата. 

Европратениците ја поздравуваат неодамнешната одлука на Советот на ЕУ да ги насочи приходите од каматите од блокираните руски средства за поддршка на украинските воени напори, како и одлуката на Г7 да и понуди на Украина заем од 50 милијарди американски долари и ја повикуваат Унијата да воспостави правен режим за конфискација на замрзнатите руски државни средства. 

Во резолуцијата се посочува и дека ЕУ и нејзините земји членки досега придонесоа со околу 95 милијарди евра во финансиска, хуманитарна, бегалска и воена помош за Украина и за обука на над 52 000 припадници на украинските Вооружени сили, со цел да се поддржи земјата во одбрана од „незаконска, неиспровоцирана и неоправдана целосна агресивна војна“ поттикната од Русија, како продолжение на „она што го започна во 2014 година со анексијата на Крим и подоцнежната окупација на делови од регионите Доњецк и Луганск“. 

- Го осудуваме зголемениот број хибридни напади извршени од Русија против ЕУ и нејзините земји членки со цел да се ослабне европската поддршка за Украина преку манипулации со информации, прикриени обиди за дестабилизација и корупција на политички субјекти. Згрозени сме од извештаите дека Русија планирала обид за атентат против извршниот директор на европска одбранбена компанија, се нагласува во документот. 

Истовремено, се повикува Европската комисијата да предложи долгорочна финансиска помош за обнова на Украина, а Советот на ЕУ да ја задржи и прошири својата политика на санкции против Русија и Белорусија, како и да го разгледа прашањето за нивно заобиколување од страна на компании со седиште во ЕУ и трети страни и држави и да воведе рестриктивни мерки против сите субјекти кои го олеснуваат заобиколувањето на санкциите и кои го снабдуваат рускиот воен комплекс со технологии и опрема за двојна намена. 

- И наложуваме на нашата претседателка да ја достави оваа резолуција до Советот, Комисијата, високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност, владите и парламентите на земјите членки, до претседателот, Владата и Врховната Рада на Украина, до претседателот, Владата и Парламентот на Молдавија, до генералниот секретар на Обединетите нации и до руските власти, се додава во Резолуцијата во која се нагласуваат покажаната „непоколеблива решителност“ на украинските граѓани во успешната одбрана на својата земја, како и „нехумано однесување“ на руските сили и нивните соработници, кои извршуваат „големи и систематски злосторства на окупираните територии“ што претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан