• петок, 26 јули 2024

Дурмиши - Туркменоглу: Поддршката од нашите партнери има голем придонес во економскиот и социјалниот развој на нашата држава

Дурмиши - Туркменоглу: Поддршката од нашите партнери има голем придонес во економскиот и социјалниот развој на нашата држава

Скопје 17 јули 2024 (МИА) - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска оствари работна средба со шефот на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, Фатих Туркменоглу.

На средбата, како што соопшти Министерството за економија и труд, се разговарало за главните приоритети на Министерството согласно последната реорганизација на министерствата, за досегашната соработка со ЕБОР, како и за идни проекти.

Министерот Дурмиши истакнал дека фокусот на работа на Министерството за економија и труд од сега ќе биде подобрување на бизнис климата во земјата, односно поддршка на домашните компании и подобрување на условите за странските инвеститори, како и развојот на пазарот на труд, односно подобрување на работничките права во државата.

-ЕБОР е еден од најголемите поддржувачи на нашата држава со инвестиции во различни проекти во различни сектори и има огромен придонес во економскиот и социјалниот развој на нашата држава, се наведува во соопштението.

Министерот Дурмиши на состанокот потенцирал дека инвестициските активности и поддршката од ЕБОР се значајни за развојот на нашата економија и има голем придонес за подобрување на деловната клима во земјата.

Министерот искажал уверување дека веќе воспоставената соработка со ЕБОР ќе продолжи и во наредниот период преку подготовка и реализација на приоритетни проекти кои имаат големо позитивно влијание врз нашата економија и условите за живот на граѓаните.

-Како министер за економија и труд се надевам дека заеднички со ваша поддршка ќе работиме на подобрување на условите за работа на домашните и странските компании во земјата, се со цел подобрување на животниот стандард, рекол министерот Дурмиши на средбата.

Двајцата соговорници се согласиле дека ЕБОР е важен стартешки партнер, а инвестициските активности од различни партнери се од големо значење за тековниот и идниот развој и на државниот и на приватниот сектор. дма/ев/

 

Фото: Министерство за економија и труд

Остани поврзан