• вторник, 24 декември 2024

Дополнителни законски одредби на грчката Влада за справување со семејното насилство

Дополнителни законски одредби на грчката Влада за справување со семејното насилство

Атина, 20 јуни 2024 (МИА) – Привремен притвор и до шест месеци за сторителите на кривично дело семејно насилство; целосно издржување на затворските казни без можност за условно ослободување или ублажување на казната; заштитата на жртвата со ослободување од обврската да се појави на рочиштето; отворање специјална платформа со можност за пријавување семејно насилство и од трети лица, се дел од низата нови мерки, односно предлог законски одредби за справување со семејното насилство што денеска ги презентираше министерот за правда на Грција Јоргос Флоридис, а набргу ќе бидат доставени во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина. 

Во Грција е зголемен бројот на случаи на семејно насилство, а портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека во првите пет месеци од годинава имало околу 5.500 апсења за семејно насилство, додека само вчера биле извршени 73. 

Грчката Влада има воведно специјална апликација „Panic button“ која полицијата им ја инсталира на жените жртви на семејно насилство, за во случај да се во опасност да можат веднаш да ја известат полицијата, а според Маринакис, секоја вечер се инсталираат по 20 вакви апликации.

-Со сите предложени нови мерки и одредби кои веќе се воведени, нашата цел е да создадеме безбедна средина што ќе ги охрабри жртвите да проговорат и да го прекинат циклусот на насилство, истакна портпаролот на грчката Влада. 

Последниот случај на семејно насилство во Грција и особено актуелен во земјата веќе неколку дена е случајот со познатиот адвокат Апостолос Литрас, кој физички ја нападнал неговата сопруга, исто така адвокатка Софиа Полизогопулу, која се здобила со повреди во пределот на главата.

Жртвата на семејно насилство била пренесена во болница, а лекарот што ја прегледал го пријавил случајот во полиција, со оглед на тоа дека со измените во кривичниот законик има и обврска и право да го стори тоа, без притоа да биде во каква било опасност или да се гони.

Адвокатот, кој синоќа беше уапсен откако ги прекрши мерките на претпазливост, а денеска му беше одредена мерка притвор. ср/

Остани поврзан