• сабота, 21 декември 2024

Доновска-Гечева од Народната банка: За одредена категорија граѓани надоместокот за платежната сметка со основни функции изнесува нула денари

Доновска-Гечева од Народната банка: За одредена категорија граѓани надоместокот за платежната сметка со основни функции изнесува нула денари

Скопје, 16 октомври 2024

 

Во согласност со Законот за платежни услуги и платни системи, за определена категорија граѓани надоместокот за платежната сметка со основни функции изнесува нула денари, на пример, за студентите и учениците кога користат стипендија, надоместок или друг тип кредит. „Исто така, за корисниците на одредени социјални права: заштита, детски додаток, или, пак, надоместок на штета, за неможност за извршување работа, спреченост на работа и слично“, објаснува Биљана Доновска-Гечева, заменик-директорка на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, во интервју за емисијата „Само прашај“ на Институтот за комуникациски студии.

„Она по што платежната сметка со основни функции се разликува од обичната платежна сметка е ограничувањето на надоместокот којшто граѓаните го плаќаат за оваа сметка. Имено, со Законот, граѓаните можат да ја користат платежната сметка со основни функции со надоместок најмногу до 40 денари, колку што во моментов изнесува подвижниот просек од месечните нето-плати во нашата земја во висина 0,1 процентен поен. Она по што платежната сметка со основни функции е иста со обичната платежна сметка е што на оваа платежна сметка граѓаните може да внесуваат парични средства, да ги повлекуваат, може да извршуваат платежни трансакции, да плаќаат комунални услуги, но и да ги користат своите дебитни картички за плаќање на физичките места на продажба, или, пак, на интернет“, појасни Доновска-Гечева.

Со платежната сметка со основни функции не може да се користи дозволено пречекорување или т.н. одење во минус, што значи дека за да можат граѓаните да ја користат платежната сметка со основни функции, мора да поседуваат сопствени средства.

„Платежната сметка со основни функции им овозможува на граѓаните, во рамките на надоместокот на месечното одржување, да извршуваат неограничен број платежни трансакции, односно внесување или повлекување готовина на шалтерите на банките, или, пак, на мрежата на нивните банкомати. Но, исто така, можат и да извршуваат неограничен број плаќања со картичките, или, пак, да извршуваат минимум пет т.н. плаќања, односно кредитни трансфери кај истата банка, доколку плаќањето е во корист на примачот, без разлика дали се работи за физичко или правно лице кај истата банка“, напоменува Доновска-Гечева. Таа нагласи и дека за да се има платежна сметка со основни функции, граѓанинот не може да поседува платежна сметка со основни функции во друга банка, или, пак, кај истата банка.

Доновска-Гечева истакна дека граѓаните може да се информираат за можностите за користење на платежната сметка со основни функции кај банките, но и на веб-страницата на Народната банка, каде што има посебна брошура којашто ги содржи сите овие информации.

Кабинет на гувернерот - Односи со јавноста

Народна банка на Република Северна Македонија

Фото: Народна банка на Република Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан