• вторник, 24 декември 2024

Доделени трите награди на новинари за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство во Република Северна Македонија за 2022 година

Доделени трите награди на новинари за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство во Република Северна Македонија за 2022 година

Скопје, 7 декември 2023 (МИА) - Јасмина Јакимова, Елена Павловска Доковска и Валмира Зендели се добитничките на Наградите на новинари за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство во Република Северна Македонија за 2022 година, кои беа доделени денеска во Скопје.

Овие награди годинава се доделуваат по деветти пат од страна на Канцеларијата на УНЦХР во Скопје во соработка со Здружението на новинари на Македонија и Македонското здружение на млади правници.

Целта на доделувањето на оваа награда, како што истакнаа организаторите, е да се даде поддршка на новинарската јавност во нашата држава да покаже дека и бегалците, барателите на азил, луѓето без државјанство постојат имаат човекови права кои треба да се бранат.

За избор на добитниците секоја година се избира комисија која годинава ја сочинуваат Зарјета Јајага, Мишко Иванов, Горан Симоновски и Афродита Шаља – Плавјанска како претставник за комуникации на УНХЦР во Република Северна Македонија.

Трите награди ги доделија претставничката на УНХЦР во Скопје, Кристина Бунеа, претседателката на Македонското здружение на млади правници, Александра Цветановска и претставничката на ЗНМ, Верче Костовска.

Кристина Бунеа во својот говор истакна дека новинарите имаат моќ да менуваат мислења, души, да менувате пристапи и нации и нагласи дека е многу благодарна што има млади новинари заинтересирани за работата што ја работат заедно со нивните партнери.

Таа најави дека наредната година УНХЦР прославува 30 години од дејствување во нашата држава.

 - Ќе имате можност да ја проследите целата добра работа што УНХЦР ја прави во државата во изминатите 30 години, како и великодушноста на луѓето од државата кои угостија голем број на бегалци за време на конфликтите во регионот. Многу е веројатно дека наредната година ќе објавиме дека Северна Македонија е првата држава во Европа која го прекина бездржавјанството, што значи дека ќе биде прва држава во Европа која нема лице без документација и дека секој еден од тие за коишто пишувавте е горд државјанин подготвен да придонесува во државата и да ги исполни своите обврски како нејзин граѓанин, рече Бунеа.

Таа препорача организаторите идната година да организираат и обуки за новинарство, бидејќи, како што нагласи, најважен предизвик на новинарите е употребата на точна терминологија.

 - Тие обуки ќе ни даде и можност да избереме приказна која би ја обработиле и презентирале во јавноста, истакна Бунеа.

Претставничката на УНХЦР во Скопје ја додели наградата за мултимедијалните прилози „Од Харкив до Негорци“, „Патот кон слободата од Одеса до Скопје“, и „Колку Македонија е подготвена за примање бегалци од Украина“ на Јасмина Јакимова објавена во Радио Слободна Европа.

Јакимова се заблагодари за наградата и истакна дека годинава ја добива по втор пат.

 - По втор пат ја добивам оваа награда, што е исто така можеби еден доказ за мене дека сум останала на патот и можам да кажам дека овие работи за кои сум овој пат наградена, оваа мултимедијална сторија беше многу подобра од онаа за која бев наградена пред неколку години. Така што, ова за нас претставува поттик да ги работиме овие теми, истакна таа.

Претседателката на Македонското здружение на млади правници, Александра Цветановска, истакна дека со оваа награда девет години ги поттикнуваат новинарите да пишуваат за тоа каков е патот на луѓето кои бегаат од нешто и имаат страв да се вратат во земјата од каде потекнуваат. 

Таа додаде дека овие награди се поттик новинарите да пишуваат за вистински приказни со цел да не се шират дезинформации дека овие лице претставуваат некоја опасност за нашата држава.

Цветановска ја додели наградата на Елена Павловска Доковска за нејзиниот видео прилог „Валерија, рат је почео“ објавен во порталот Перспектива.плус.

Претставничката на ЗНМ, Верче Костовска, истакна дека тие се горди што доделувањето на овие награди прерасна во традиција веќе девет години да ги доделуваме.

 - Ние како ЗНМ сметаме дека овие награди стимулираат поподготвено и професионално известување на медиумите за вакви сензитивни теми. ЗНМ е реално и секогаш работи во насока на унапредување на професионалноста и почитување на новинарскиот етички кодекс за известувањето на новинарите, истакна Костовска.

Таа и ја додели наградата на Валмира Зендели за серија прилози на ТВ 21 и истакна дека нешто што ја издвои Валмира од другите е тоа што беше упорна и се избори случајот кој го проследи да се реши.

Организаторите го најавија јубилејното доделување на овие награди кое ќе се одржи наредната година. сан/ев/

 

Фото: МИА

Остани поврзан