• сабота, 23 ноември 2024

Димовски утре треба да реферира на затворена седница на Влада за случајот „Онишченко“, почната е процедура за избор на нов шеф на АНБ

Димовски утре треба да реферира на затворена седница на Влада за случајот „Онишченко“, почната е процедура за избор на нов шеф на АНБ
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски изјави дека очекува најверојатно утре на владина седница директорот на АНБ Виктор Димовски да даде извештај на затворена седница на Влада и оти мора да се утврди одговорност за случајот со давањето на македонско државјанство на контроверзниот Укранинец, Олександер Онишченко.

-Она што јас побарав е детален извештај врз основа на спроведена истрага или анализа согласно процедурите на АНБ и директорот да дојде да даде извештај на затворена седница на Влада. И тоа ќе се случи најверојатно во текот на утрешниот ден. Меѓутоа и вие самите знаете дека од затворена седница на Влада не може да се даваат извештаи и информации со оглед на казнивоста на давање такви информации од затворена седница на Влада, рече Ковачевски на новинарско прашање по отварањето на градинка во Чучер Сандево и потсети дека државјанството било издадено врз основа на четири позитивни мислења доставени на седница на Влада од четири различни институции врз основа на кои тоа е доделено.

Додаде дека одговорност за случајот мора да има и оти тоа е работа на анализата, односно истрагата која што таму треба да биде спроведена, која веќе и се спроведува и информира дека наскоро треба да биде именуван нов директор на АНБ за што е почнат процес на селекција. -Дали ќе имаме нов директор на АНБ, односно дали ќе има одговорност. Да, ќе имаме нов директор на АНБ и тоа ќе се случи би рекол во наредните 24 дена, именување на нов директор на АНБ. Треба да биде професионалец со долгогодишно искуство и кој ќе треба исто така да ги помине и филтрите  на институциите на стратешките партнери, бидејќи да не заборавиме ние сме земја членка на НАТО, имаме Договор за стратешко партнерство со САД и изборот треба да биде усогласен со исполнување на такви критериуми, истакна премиерот Ковачевски. 

На прашање од новинарите, тој појасни дека изборот е започнат затоа што директорот Димовски е веќе со испратени агремани за амбасадор во Франција и веќе е отпочнат процесот на селекција на нов директор на АНБ.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски во петокот изјави дека интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“  констатирала дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, рече Димовски по прекинувањето на затворената седница на матичната собраниска комисија. На седницата се случи инцидент со тонски пренос во живо од отчетот на Димовски на Јутјуб каналот на Собранието, за што во тек е истрага во Собранието. вг/ац/

Остани поврзан