• сабота, 27 јули 2024

Деспотовски: Со нов паметен пристап Западен Балкан може да стане еден од главните глобални региони за СДИ

Деспотовски: Со нов паметен пристап Западен Балкан може да стане еден од главните глобални региони за СДИ
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Тоа што имаме заедничко минато, се разбираме меѓу себе и имаме заедничка култура и традиција е она што го прави овој регион различен од другите и тоа е нашата предност. Регион со пазар од над 20 милиони е поатрактивен за инвеститорите, отколку ако настапуваме посебно како конкуренти. Така заедно може да станеме една од главните глобални дестинации за инвестиции и да креираме европски услови за работа и плати во регионот и да ги задржиме младите дома, рече денеска директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски на панелот во рамки на Инвеститорската конференција за Западен Балкан што се одржува во Љубљана. На панелот посветен на странските директни инвестиции во регионот, Деспотовски нагласи дека со нов, паметен пристап, регионот може да го забрза напредокот и да се намали заостанувањето зад европското ниво. Тој го презентираше и новиот концепт на ТИРЗ. - Она што го правиме, а може да се преслика во целиот регион, е што престанавме да бидеме предвидливи. Спроведовме повеќе пилот проекти за ефикасно искористување на достапните ресурси со цел да донесеме инвеститори кои ќе донесат додадена вредност - повеќе и подобро платени места и повеќе пари во буџетот. Се поставивме како партнери и коинвеститори и заедно со компаниите ги делиме успесите и ризиците. Ги слушаме потребите на инвеститорите, но и јасно ставаме до знаење што државата очекува од нив. Нудиме јасна и применлива регулатива, ефикасни услуги, а за возврат бараме добро платени работни места за нашите сограѓани, зголемена уплата на даноци од кои се финансира образованието, здравството, инфраструктурата, а вложуваме и во дообука на вработените во зоните. Анализите и бројките покажуваат дека успеваме во тоа - само годинава имаме раст од 15 отсто на вработени и зголемени уплати во буџетот, додека компаниите бележат раст на извозот и профитот, истакна Деспотовски. На конференцијата учествуваа над 70 претставници на компании од Словенија, Италија, Австрија и Хрватска, агенции за промоција на инвестиции од Западен Балкан, министерства одговорни за инвестициска политика и промоција, регионални организации и меѓународни финансиски институции, а беа презентирани можностите и предностите на водење бизнис во Западен Балкан, како и примери на успешни инвестиции во регионот. Предноста на регионот на Западен Балкан во однос на другите дестинации за инвестиции, во светло на новите глобални случувања и приближувањето на синџирите на снабдување, како и можностите и придобивките за инвестирање во регионот на Западен Балкан, беа главните теми на Инвеститорската конференција организирана од Западен Балкан 6 Коморски инвестициски форум (ВБ6 ЦИФ) и Регионалниот совет за соработка (РЦЦ), а поддржан од Европската Унија. Западен Балкан 6 Коморски инвестициски форум (ВБ6 ЦИФ) е заедничка иницијатива на стопански и индустриски комори од Албанија, БиХ, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија. Коморите воспоставија платформа за соработка во 2017 година за да се обезбеди заеднички глас на бизнис заедницата во регионот, да се олеснат меѓуделовните контакти и да се промовира регионот како една инвестициска дестинација. мч/сп/

Остани поврзан