• сабота, 18 јануари 2025

Десетици илјади луѓе се очекуваат на Народниот марш во Вашингтон

Десетици илјади луѓе се очекуваат на Народниот марш во Вашингтон

Вашингтон, 18 јануари 2025 (МИА) - Марш на жените ќе се одржи денеска во Вашингтон, осум години по првиот собир, како Народен марш, само два дена пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

Жените незадоволни од претседателската победа на Трамп во 2016 година се собраа во Вашингтон во 2017 година и организираа големи собири во градовите ширум земјата, создавајќи ја основата на движењето кое стана познато како Женски марш.

Само собирот во Вашингтон привлече повеќе од 500.000 демонстранти, а милиони други учествуваа на маршеви низ целата земја. Митинзите беа меѓу најголемите еднодневни демонстрации во историјата на САД.

Оваа година, Маршот во Вашингтон се очекува да биде околу една десетина од првиот по број на учесници.

Се одржува во време кога многу прогресивни гласачи се чувствуваат исцрпени, разочарани и очајни по изборниот пораз на поранешната потпретседател Камала Харис, а настанот „ребрендиран“ како Народен марш има за цел да привлече поголема поддршка за оваа група.

Собирот треба да го фокусира вниманието на низа прашања - женските и репродуктивните права, правата на ЛГБТК, имиграцијата, климата и демократијата, наместо да се фокусира само на Трамп.

Демонстрациите ќе промовираат теми поврзани со феминизмот, расната правда, антимилитаризацијата, а ќе завршат со дискусии водени од организации кои се залагаат за социјална правда. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан