• понеделник, 23 декември 2024

Ден на „Станушина" во Кавадарци  

Ден на „Станушина

Кавадарци, 11 мај 2024 (МИА) - Ден на „Станушина" се реализира денеска во Кавадарци, во организација на Здружението „Македонски семејни винарии". Станува збор за настан во чест на единствената автохтоната сорта на грозје во државата, со долгогодишна традиција во Тиквешкиот регион, како најголем лозаровинарски регион во земјава, што речиси беше пред изумирање, но повторно се враќа интересот за неа од пред неколку години. 

Ирена Спировска, водителка на манифестацијата, потсети дека таа се одржува по трети пат и од годинава станува меѓународна. 

- Се работи за отпорна и издржлива сорта на грозје, од која се добива квалитетно вино, отпорна на суша, болести и штетници. Токму тоа придонело да опстои.  Оваа сорта еден период неправедно била маргинализирана, подзаборавена, под напливот на интернационални сорти на грозје. Сега, таа  како македонски вински бисер, се враќа на пиедесталот, што го заслужува, благодарение на уникатните својства. Се зголемува интересот за неа и продолжува нејзината промоција, а македонскиот народ треба да се гордее со неа и да се труди таа да стане дел од светската винска мапа, рече Спировска. 

Горан Јаковлевски, претседател на здружението, рече дека ,,Македонски семејни винарии" веќе станува македонски бренд, а на манифестацијата можат да се дегустираат вина од оваа сорта по потекло од сите региони во државата. 

- Радува фактот што овде се претставува и првата винарница што почна со производство на оваа сорта на вино, ,,Попова кула" од Демир Капија. Расте интересот како за производство, така и за консумирање на оваа сорта на вино. Ние и понатаму ќе ја заштитуваме оваа сорта. На наше барање, годинава за прв пат субвенциите по хектар лозов насад од оваа сорта, се зголемуваат за околу шест илјади денари. Нашето барање, е, тие субвенции да бидат дупло поголеми од регуларните субвенции што државата ги дава за другите вински сорти на грозје, подвлече тој.

Јаковлевски додаде дека во наредниот период ќе се утврдат микролокациите на кои може да се одгледува оваа сорта, во минатото деградирана од големи откупувачи на грозје, кои ја откупувале по многу ниска цена и се мешала со други сорти на грозје. Истовремено, тој информираше дека ќе бараат, државата да субвенционира и по литар вино од оваа сорта, произведуван од малите семејни винарии. Притоа нагласи дека странците кога доаѓаат, бараат нешто автохтоно да пробаат. 

Во текот на денот се одржаа неколку предавања од лозаровинарскиот сектор, предавачи беа истакнати познавачи на лозаровинарството. Се дегустираше и вино од автохтоната македонска сорта на винско грозје, како и македонска традиционална храна. 

Кон станушината како винска сорта, која ја нарекуваат ,,македонско девојче", се осврна и Александар Клинчаров, потпретседател во здружението. Тој потсети дека со законските измени од пред четири години и доделени грантови, се зголеми бројот на мали семејни винарии и дојде до просперитет во нивниот развој. 

- Функцијата е минлива но делата остануваат, рече тој во присуство на досегашниот министер за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заблагодарувајќи му се нему и на министерството за соработката, аблагодарност упати и до локалната самоуправа. свд/цр


Фото : МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан