• сабота, 21 декември 2024

Дел од наставниците во Црна Гора започнаа штрајк

Дел од наставниците во Црна Гора започнаа штрајк

Подгорица, 19 февруари 2024 (МИА) - Во околу 160 основни и средни училишта, од вкупно 226 во Црна Гора, денеска почна штрајкот на просветните работници.

Градинките се отворени, но како што е најавено, скратено.

Како што се наведува во соопштението, настава ќе одржуваат наставници кои не го поддржуваат штрајкот, а на директорите на институциите останува да го организираат. Наставата ќе се одржува редовно во училиштата кои не штрајкуваат.

Просветните работници се решиле на овој чекор бидејќи не успеале да се договорат со претставниците на Министерството за образование, наука и иновации околу покачувањето на платите.

Претседателот на Синдикатот за образование Радомир Божовиќ рече дека на синоќешната седница од нив било побарано да се одложи штрајкот и дека наставничките совети биле грубо злоупотребени бидејќи немаат право да се занимаваат со штрајк. Тој нагласи дека секој изгубен работен ден поради организиран штрајк може да се надомести со работа во сабота.

Божовиќ појасни дека бараат зголемување на платите од 10 проценти од 1 јануари годинава, што, како што тврди, е предвидено во Гранскиот колективен договор.

Од Министерството за образование и од Владата на Црна Гора повеќепати им беше кажано дека нема пари за вакво покачување. Владата им порача на просветните работници да бидат трпеливи и дека се подготвени да ја зголемат платата за 15 отсто нето, најдоцна до крајот на септември. паг/

Фото: МИА архива

 



Остани поврзан