• недела, 21 јули 2024

Делата на кумановскиот уметник Кашавелски презентирани во светските метрополи, рангиран меѓу најдобрите десет реалисти во светот

Делата на кумановскиот уметник Кашавелски презентирани во светските метрополи, рангиран меѓу најдобрите десет реалисти во светот

Куманово, 21 јули 2024 (МИА) - Летово беше исклучително успешно за уметникот од Куманово, Синиша Кашавелски за кого кумановци со гордост велат дека е светско, а наше. Речиси и да не постои награда, меѓународно призната која не ја освои, ниту пак салон во кој не беше презентирано негово
дело во светските метрополи. Како врвен уметник, рангиран меѓу најдобрите десет реалисти во светот во интервјуто за МИА го открива процесот на креирање дела, кои несомнено се автентични и моќни, невообичаено привлекуваат публика, светска и домашна.

Како дојде до успехот што го доживувате оваа година со учеството на значајни салони и изложби и добивањето награди?

- Оваа година навистина е посебна за мене и мојата уметност. Фокусот беше ставен на учеството на многу престижни интернационални салони и изложби каде што освоив многу награди. Тие се резултат на неколку фактори. Прво, континуирана работа и посветеност на мојот креативен процес, кој постојано еволуира и се усовршува. Второ, поддршката од моите пријатели, семејството и колегите кои веруваат во мене и ме инспирираат да продолжам напред. И трето, отвореноста кон нови идеи и експериментирањето со различни техники и пристапи, кои ми овозможуваат да ја проширам мојата уметничка визија и да креирам дела кои резонираат со публиката.

Од последните неколку награди и настани во овој период, кои можете да ги издвоите
како позначајни?

- Сите ми се подеднакво скапоцени и тешко е нешто конкретно да издвојам, бидејќи сите се врвни, нешто што сè уште ми изгледа надреално. Но, ако веќе морам да направам избор, тоа е наградата на конкурсот „ModPortrait“ – најпрестижната интернационална изложба за реализам и портрет. Не само што бев меѓу финалистите што изложуваа, туку добив и награда, која високо ме позиционираше во светот на актуелните автори во доменот на реализам.
На конкурсот „ModPortret“ во MEAM Gallery во Барселона наградена беше сликата „Somniantis‘. Која e приказната што ве инспирираше да го насликате ова платно? Соништата се многу налик на цртежи кои содржат најразлични идеи, кои во некое дадено време на некој волшебен начин се претвораат во реалност. Тие можат да бидат големи, мистериозни и недофатливи, меѓутоа без нивното постоење, не може да се очекува да се направат внатрешни промени во секоја индивидуа кои последично ќе се рефлектираат врз целокупното општество. Една многу мала, понекогаш можеби и наивна нишка е потребна за да започне приказната, на овој начин менувајќи го светот со нашите најчисти мисли,
бидејќи тие се дел од нештата кои го креираат универзумот.

Освојувањето на наградата е многу значајно достигнување. Дали чувствувате дека тоа ќе има влијание врз вашето уметничко патешествие во иднината?

- Кога и да добијам некоја награда на некој конкурс или салон, чувствувам дека тоа е големо признание за мојата работа и за фазата во која се наоѓам во тоа време. Секое од овие достигнувања придонесуваат за вашиот статус и се инспирација за стремеж да се стигне до некои повисоки уметнички дострели.

Како вашиот личен „background“ и животни искуства влијаат врз пристапот на вашата работа и како ги вклучувате овие перспективи во вашето творење?

- Мојот ’background‘ има големо влијание за време на креативниот процес затоа што доаѓам од земја која има многу богато историско и културно наследство кое се простира далеку во еоните на времето. Нешто од тоа е генетички вградена во мојата душа, и заедно со моите животни искуства низ кои поминувам во текот на времето, се создава спој, односно се креира една многу моќна библиотека од која течат идеите кои подоцна ги пренесувам на платно.

Енергијата и фреквенциите на боите играат многу значајна улога во процесот на
творењето. Дали свесно си играте со енергијата на боите или пак сте повеќе
интуитивни во нивниот избор?

- Бидејќи целиот универзум функционира врз принципите кои ги диктираат енергијата, вибрациите и фреквенциите, овие принципи се кодирани во секој аспект од нашиот живот и околината во која обитуваме. Последователно, секоја боја, па ако сакате, и секоја нијанса поседуваат своја сопствена енергија и адекватна вибрациона фреквенција, кои заедно имаат огромно влијание врз крајниот изглед на делото кое го креирате.

Ако свесно „играте“ со енергијата на боите, претставете ни како тоа изгледа во
вашиот креативен процес?

- Пред да започнам со работа на некое определено дело, постојат поголем број на чекори низ кои поминувам пред да се започне со творењето. Некои од нив се приказната и композицијата кои стануваат носачи на платното. Еднаш кога ова ќе биде созреано, сè ова мора да помине низ мојот внатрешен свет, каде јас ја визуелизирам палетата на боите кои ќе бидат најефективни, најсоодветни и во тотална хармонија со крајниот изглед на делото.

Дали некогаш го започнувате делото и потоа во текот на творењето одлучувате да
направите промени со цел да се потенцира неговиот дух?

- Да, се случува многу пати и зависи од менталната состојба во која сум во тоа време. Некогаш се случува да почувствувам дека некоја невидлива рака ме води низ целиот креативен процес. Се чувствувам како да сум во бестежинска состојба, при што сè се случува спонтано од самиот почеток па до крај. Во некоја рака, тоа е чувство на Божја интервенција која интуитивно го води умот. Меѓутоа, ваквите состојби не се можни секој ден, што значи дека многу често мора да се ’игра‘ со боите и композицијата следејќи ја имагинарната идеја.

Дали имате некакви ритуали или навики кои ви помагаат за време на креативниот процес?

- Да, во текот на годините, имам експериментирано со повеќе ритуали обидувајќи се да најдам кој најмногу ќе го стимулира мојот креативен процес. Во текот на последните години, некако најприкладна ми е една церемонија која ја практикувам секогаш кога ќе влезам во ателјето. Палам темјан, кој во нашата традиција е познат и како „бел чад“. Тој обично се користи за време на монастичките ритуали и има многу моќно значење кога станува збор за животот и смртта. Штом белиот чад ќе почне да го исполнува просторот во моето ателје, полека почнувам ментално да се движам низ лавиринтот на моите медитациски ритуали. На ваков начин, навлегувам во сфери кои се поврзани со
визуелниот процес кои ми помага да го достигнам најдоброто што посакувам да го
пренесам на платното.

Вештачката интелигенција полека започнува да го доминира светот. Некои автори започнуваат да ја користат како решение во нивниот креативен процес. Какво е вашето мислење за оваа нова технологија, односно дали е позитивна или негативна во сферата на уметноста?

- Вештачка интелигенција доколку се употребува како што треба, може да биде мошне корисна во голем број на креативни полиња. Искрено, не сум голем љубител на вештачката интелигенција и целата трансхуманистичка агенда која започнува да се обвива околу скоро секој сегмент на човечкиот живот. Лично, чувствувам дека со текот на времето таа ќе замени многу креативни работи, а со тоа и генијалноста која е дел од уметничкиот еснаф. Сепак, човечкиот гениј и допирот кој доаѓа од душата не можат да бидат заменети со нешто што е вештачки артикулирано. Постои дела кои се креираат со
умот на уметникот. Тие можат да бидат добри и прифатливи за широкиот аудиториум, но
оние кои се креирани и течат од длабочината на душата се оние ингениозните кои
остануваат запаметени. Со подемот на NFT и зголемениот интерес за дигиталната уметност, кое е вашето мислење, дали уметничкиот свет ќе се вклучи во оваа нова технологија? Бидејќи целата планета е веќе скоро дигитализирана, неизбежно е оваа нова технологија да навлезе и во светот на уметноста. Последователно, многу луѓе, особено од помладите генерации ќе фатат приклучок со ова ново поле, додека некои ќе останат на страна на конзервативизмот и ќе се држат до принципите на уметноста кои важат од дамнина. Лично за мене, ќе треба да помине доста време додека овој концепт не ми легне како што треба. За сега, ќе продолжам да чекорам по патеката којашто е кодирана во мојата душа во текот на сите овие години.

Во светло на наградите што неодамна ги добивте, која би била пораката до
вашиот аудиториум?

- Пораката до мојот аудиториум, дали дома или во светот, е едноставна. Ќе останам
вистинољубив, оригинален и чесен во својата работа, бидејќи овие принципи се во
хармонија со универзумот и не држат поврзани со креаторот. Само на ваков начин може
да се твори нешто што ќе резонира со луѓето кои обитуваат на исто фреквентно ниво на
кое и сами егзистирате.

 

Александра Максимовска

Фото: Приватна архива на Синиша Кашавелски

Остани поврзан