Две гимназиски згради стари над 100 години ќе се реконструираат со донација од приватна фирма
- Во рамки на денешната 48-та седница на Советот на општина Тетово се прифати предлог одлука за донација од приватна фирма со чии средства ќе се реконструираат две згради стари над 100 години, каде учат гимназијалците од македонски наставен јазик, а каде порано функционираше медицинското училиште.

Тетово, 14 март 2025 (МИА) – Во рамки на денешната 48-та седница на Советот на општина Тетово се прифати предлог одлука за донација од приватна фирма со чии средства ќе се реконструираат две згради стари над 100 години, каде учат гимназијалците од македонски наставен јазик, а каде порано функционираше медицинското училиште.
За предложената точка гласаа сите советници, иако на тоа му претходеше прашање од советниците дали компанијата ќе добие нешто за возврат. Градоначалникот Биљал Касами образложи дека оваа фирма и порано донирала и нема да добие нешто од општината.
- Денес Советот во општина Тетово едногласно ја прифати донацијата од компанијата УНИПРОМЕТ НМ ДООЕЛ Скопје. Оваа компанија ќе донира финансиски средства во износ од 800.000 евра за целосна реконструкција на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ во Тетово (двата објекти на стара медицина). Конечно овој горлив децениски проблем со нестандардни услови за учење ќе се реши на задоволство и по барање на учениците и наставниците, изјави Ангел Карапетров координатор на советничката група на ВМРО - ДПМНЕ, што е дел од мнозинството во советот заедно со Движење Беса.
Во првата зграда, каде што има седум училници, кабинет за информатика, два тоалети, наставничка канцеларија, библиотека и две канцеларии. Во втората зграда има шест училници, наставничка канцеларија, тоалет, училници за кабинети по природни науки и мала спортска сала.
Наставата по македонски јазик во Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ не се одвива во централниот објект на улицата „Браќа Миладинови“ од 2001 година, кои беа напуштени поради небезбедност. Гимназијалците од дваесетина учеа во други објекти низ градот, а од учебната 2017/2018 постојано наставатта се одвива во овие два објекти познати како „Стара медицина“. Зградите се изградени во периодот 1912-1913 година. ас/цр
Фото: МИА архива