• сабота, 27 јули 2024

Градоначалникот Колев и евроамбасадорот Гир потпишаа Меморандум за соработка за отворање Европска куќа во Велес

Градоначалникот Колев и евроамбасадорот Гир потпишаа  Меморандум за соработка за отворање Европска куќа во Велес

Велес, 27 февруари 2023 (МИА) - Градоначалалникот на Општина Велес Марко Колев и евроамбасадорот Дејвид Гир денеска потпишаа Меморандум за соработка за отворање Европска куќа во Велес. 

Во просториите на поранешното Градско кино „11 Октомври“ во центарот на градот градежните работи за преадаптација на просторот се одвиваат во изминатите две-три недели и ќе бидат готови до ова лето.

За овој проект ЕУ има издвоено средства во висина од 300 илјади евра, информира амбасадорот Гир и оцени дека работите добро напредуваат на адаптација на просторот каде ќе биде сместена Европската куќа.

Тој потенцира дека самото градење и отворање на Европската куќа има за цел и да се охрабрат младите за креирање на еден простр каде што тие ќе можат да истражуваат што всушност значи ЕУ иднината за земјата.

- Европската куќа ќе биде важно место за младите за да може да разговарат за сите аспекти од нивниот сегашен живот, за прашања кои што се поврзани за нивната и иднината на оваа земја како членка на ЕУ, појасни Гир.

Тој информира дека тие веќе имаат три активни и функционални Европски куќи во Скопје, Струмица и Крива Паланка, а до крајот на годинава очекуваат да има седум Европски куќи во целата држава.

- Самото присуство на ЕУ куќа е знак на посветеноста на ЕУ на вашата земја. Отворањето на Европска куќа е знак на ЕУ дека им посветува и на младите, затоа што тие имаат важна улога во транзицијата на оваа земја на патот кон ЕУ. Меѓутоа и на улогата што младите ја имаат како крајни граѓани на ЕУ, потенцира Гир.

Тој воедно ги повика сите граѓани на Велес и сите етнички заедници кои живеат тука да бидат дел од овој проект.

Градоначалникот Марко Колев искажа благодарност од свое име и од името на Советот, општината и од граѓаните за поддршката што Општина Велес досега ја добива од ЕУ и конкретно за овој проект.

- Овој проект значи многу пред се’ за младите, затоа што она што се случува во Скопје, Струмица и Крива Паланка, каде веќе има отворено Европски куќи е многу добро прифатено од младите од овие градови.До летото оваа Европска куќа ќе биде отворена во Велес и младите во Велес ќе имаат уште едно катче за рекреација, едукација со приближување на вредностите на ЕУ во Велес, рече меѓу другото градоначалникот Колев.

Градоначалникот Колев и амбасадорот Гир направија увид во изведбата на градежните работи за преадаптација на просторот на поранешното Градско кино во Европска куќа на младите, во строгиот центар на Велес. ад/цр

фото:МИА

Остани поврзан