ГИС Платформа на недвижното културно наследство и археолошките локалитети во Охридскиот регион
- Со грант вреден 55 илјади американско долари Националната установа „Завод и музеј – Охрид“ ќе разработува платформа за мапирање на недвижното културно наследство и археолошки локалитети на Охридскиот регион.
Охрид, 13 декември 2024 (МИА) – Со грант вреден 55 илјади американско долари Националната установа „Завод и музеј – Охрид“ ќе разработува платформа за мапирање на недвижното културно наследство и археолошки локалитети на Охридскиот регион.
На денешната презентација на Платформата беше појаснето дека станува збор за активност што се спроведува во рамки на проектот „Јакнење на капацитетите за управување со културното наследство на Oхридскиот регион: Обука за развој на бази на податоци и ГИС-платформа за недвижно културно наследство за Заводот и музеј –Охрид“.
Проектот ќе се спроведува наредните две години, согласно повикот на УНЕСКО за УНЕСКО за меѓународна асистенција на која аплицираше Министерството за култура и Националната комисија на Светската организација во Скопје.
Директорот на „Завод и Музеј - Охрид“, Горан Патчев, појасни дека со доделените средства ќе се врши обука на вработените за изработка на ГИС (географски информатички систем) што ќе ги обедимува сите дескриптивни фотографии, документи, табели што се на располагање за културното наследство во Охридскиот регион, потоа нивна дигитализација, како и современи техники за снимање со дрон, изработка на ортофотографии, фотограметрии кои подоцна ќе влезат во Платформата. Самата Платформа потоа ќе биде за секојдневно користење на „Завод и Музеј“ од Охрид.
Со Платформата е предвидено да бидат опфатени околу 160 заштитени објекти.
- Со понатамошното анализирање на сите објекти ќе видиме колку точно од нив се во границите на УНЕСКО. Имаме и голем број преку 350 евидентирани археолошки локалитети кои сега не знаеме точно дали се во границите на УНЕСКО или надвор. Како Завод за заштита на културното наследство се грижиме за заштитата на истото по приоритет, вели Патчев.
Што се однесува на заштитата на Регионот како светско културно наследство, Патчев истакна дека охридскиот Завод и Музеј како институција е сконцентриран на новиот елаборат за ревалоризација на Охридскиот регион.
- Токму оваа ГИС платформа ќе ни помогне во додефинирањето на идниот елаборат. Тој е еден од условите кој нашата институција го има од страна на Комисијата на УНЕСКО кој треба да се заврши следната година и верувам дека брзо ќе се заврши. Истиот ќе помогне во иднина за изработка на нов Закон за управување со Охридскиот регион како и нов План за управување, вели Патчев.
Инаку, денеска беше потпишан и Меморандум за соработка со Регионалната дирекција за национална култура во Корча. аб/нд/
фото/МИА