• вторник, 11 ноември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во Кавадарци отворена изложба на дела од Љубе Чаловски во рамки на Културното лето

Во Кавадарци отворена изложба на дела од Љубе Чаловски во рамки на Културното лето

Кавадарци, 29 јули 2025 (МИА) - Во рамките на Кавадаречкото културно лето, денеска во галеријата при Дом на култура „Иван Мазов - Климе“ во Кавадарци, беше отворена изложба на дела од Љубе Чаловски. Директорот на културниот дом, Методи Глигоров меѓу другото рече, дека станува збор за еминентен архитект-уметник и проектант со богато портфолио, човек со посебна чувствителност за уметноста, за просторите, за светот околу себе. Неговите цртежи, додаде, се повеќе од визуелни записи, тие се сведоштва, размисли, лирски белешки создадени на терен, често во живо, со љубов и разбирање кон секој детал.

- Особено драго ни е што еден ваков автор со длабока професионална и културна биографија денес е меѓу нас. Со своите цртежи тој не само што ја документира архитектурата и урбаниот дух, туку остава и траен белег во нашата современа уметничка меморија. Оваа изложба претставува богатство и за Кавадарци и за љубителите на уметноста и архитектурата. Таа потсетува дека уметноста не познава граници, дека е повик за длабоко согледување на светот, преку линија, сенка и тишина, истакна Глигоров. 

Марина Убавкова, претседател на Друштвото на ликовни уметници во Кавадарци, појасни дека со овие цртежи, авторот одбележува 25 години творештво. Таа нагласи дека оваа уметничка изложба е едно патување низ времето, архитектурата и духовниот пејзаж. Притоа потсети дека архитектот, уметникот, хроничарот е роден 1949 година, дипломиран архитект со децениска кариера зад себе, проектант и инженер кој стои зад бројни значајни објекти кај нас и надвор од земјата,  уметник со тивка, но силна визија.

-Неговата прецизност, посветеност и длабока културна свест се впишани не само во градбите, туку и во секој негов цртеж. Архитектот-неимар, уметник на пејзаж со традиционална македонска архитектура, хроничар на урбаниот дух, записник на времето во живо, тој не е само градител, туку и сведок на историјата, раскажувач преку линија, боја и композиција. Во неговите дела, старите македонски куќи оживуваат со своите дрвени греди, варосани фасади и еркери кои се надвиснуваат над тесните калдрмени улички. Со извежбана, чувствителна рака, Чаловски ги доловува сенките под настрешниците, рефлексите на светлината врз резбаните порти, динамиката на плоштадите што го паметат минатото, подвлече Убавкова. 

Во неговите „записи во живо“, рече таа, направени со брз и сигурен потег, уметникот го доловува моментот, било тоа да е тишината на еден чардак или енергијата на пазарен ден. Урбаниот пејзаж кај него не е само архитектура - туку духот на самото место, живот, меморија, чувство. 

Убавкова рече дека цртежите што ги создавал додека работел надвор од Македонија, претставуваат уникатен визуелен дневник - сведоштво за неговите професионални и животни патувања. 

- Без разлика дали се работи за Ирак, Русија или Сибир, секој цртеж го носи пулсот на просторот, духот на локалната архитектура и впечатокот од секојдневниот живот. Со брз, сигурен потег и ненаметлива лиричност, Чаловски успева да го улови моментот, атмосферата, тишината, или живописната текстура на објекти што го заинтригирале. Овие цртежи не се само документарна белешка, туку и лична рефлексија - сведоштво за еден човек што набљудува со око на архитект, но чувствува и сонува како уметник. А како портретист, Чаловски продира под површината на лицата што ги црта, истакна таа. 

Неговите ликови, додаде,  не се само анатомски точни, туку и носители на судбини, тишини, зборови невидени, но длабоко почувствувани. Преку брчките, погледот, насмевката се раскажува еден живот. За него изјави дека е чувар на македонската архитектонска душа, сведок на нејзината убавина и нејзината минливост. Неговите дела не се само уметност - тие се жива историја, помеѓу минатото и сегашноста, меѓу материјалното и духовното.

- Оваа изложба, „Биографија во цртежи", е сведоштво за неговата постојана потрага по хармонија, за љубовта кон просторот, градот, земјата, културата. Таа е синтеза на професионалното и лично доживеано, на рационалното и поетското, на изградениот простор и внатрешната визија. Во текот на својата богата уметничка биографија, Чаловски има реализирано девет самостојни изложби и со оваа - десетта - тој повторно потврдува дека вистинската уметност нема рок, дека творечкиот дух не старее, туку се продлабочува и обновува, нагласи Убавкова. свд/нд/

Фото: МИА 

Остани поврзан