• петок, 05 декември 2025

Во Битола отворен саем на книги

Во Битола отворен саем на книги

Битола, 29 јули 2025 (МИА) - Националната установа универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“- Битола во соработка со локалната самоуправа, а во рамки на „Битфест“, отворија саем на книги.

Во изјава за МИА, директорката на библиотеката, Емилија Стефановска Давкова, истакна дека саемот на книги се организира и одржува по пауза од десет години.

- На битолското културно лето „Битфест“ учествуваме со сопствен саем на кој со свои изданија се претставуваат и македонски издавачки куќи. Нашата национална установа нуди книги од најпознатите македонски автори, доајени на македонската книжевност како што се Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Анте Поповски и други. Исто така на публиката ѝ нудиме есеистика, нобеловци, ѕвезди на светската книжевност, публикации што во 2016 година ги добивме од Владата на Република Македонија. На саемот има голем избор на книги со симболични цени и веруваме дека битолчани ќе го изберат најдоброто за себе, истакна Стефановска Давкова.

На саемот за книги НУ Универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ - Битола понуди и аудиовизуелни книги за лица со делумно или целосно оштетен вид.

- Во современото доба кога во секојдневието сме преплавени со технологија, најдобро е секој човек да земе книга во рацете затоа што тоа е богатство за душата и за умот, нагласи Стефановска Давкова.

Учесниците на саемот на книги ги поздрави градоначалникот на Битола, Тони Коњановски. мт/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан