• петок, 23 август 2024

Германскиот претседател Штајнмаер ја отвори обновената црква што се поврзува и со нацистите и со комунистите

Германскиот претседател Штајнмаер ја отвори обновената црква што се поврзува и со нацистите и со комунистите

Берлин, 22 август 2024 (МИА) - Претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер денеска официјално ја отвори реставрираната камбанарија на црквата со необична историја во близина на Берлин, на територијата на поранешна Источна Германија, чии власти ја урнаа поради поврзаност со нацистите.

Тој рече дека таа црква е потсетник на сложеното минато на неговата земја, а и на сегашниот пораст на авторитарни и антидемократски ставови. Обновената барокна камбанарија на гарнизонската црква (Garrisonkirche) во центарот на Потсдам, во близина на Берлин, има видиковец 57 метри над земјата.

Градоначалникот Мајк Шуберт рече „од таму има поглед и на пространството на градот и длабочините и бездните на нашата историја“.

Неколку недели по пожарот во зградата на германскиот Парламент - Рајхстагот, во Берлин, во 1933 година, поради кој беа укинати граѓанските и политичките слободи, веднаш откако Адолф Хитлер стана канцелар, пратениците заседаваа во гарнизонската црква.

Пред таа црква, Хитлер беше фотографиран како се ракува со номиналниот претседател на Германија, Пол фон Хинденбург, што го демонстрираше сојузот на „новата“ и „старата“ Германија - нацистите и конзервативните традиционалисти.

Црквата била изградена во 1730-тите за да му служи на кралскиот двор и војската на Прусија. Изгоре во бомбардирање непосредно пред крајот на Втората светска војна во 1945 година, а остатоците од камбанаријата беа урнати со минирање под комунистичката власт на Источна Германија во 1968 година.

Амбициите за обновување на црквата и противењето во врска со тоа датираат од 1990-тите. Делумната реконструкција ја организираше фондација поддржана од Протестантската црква, а 42 милиони евра обезбеди државата.

Критичарите сметаат дека црквата е симбол на милитаризмот и место кое може да биде важно за екстремната десница. Повеќе од 100 луѓе денеска пред црквата учествуваа во протест организиран од група која се противеше на нејзиното реставрирање. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан