• сабота, 23 ноември 2024

Гаши ги осудува заканите кон пратениците, апелира надлежните да го истражат инцидентот

Гаши ги осудува заканите кон пратениците, апелира надлежните да го истражат инцидентот

Скопје, 27 јули 2024 (МИА) - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска информира дека пратениците на ДУИ добиле електронски пораки со закани од непознат испраќач и апелира надлежните институции да го истражат инцидентот.

Вознемирен од овие пораки, како што информира собраниската прес-служба, претседателот Гаши веќе се обратил до колегите од ДУИ и до надлежните институции да го истражат инцидентот.

- Претседателот на Собранието најостро осудува секаков облик на закани, обиди за насилство или поттикнување насилство. Пратениците се директно избирани од граѓаните и додека слободата на говор е неприкосновена, таа не смее да ја загрозува слободата на другите. Анонимноста во испраќањето такви пораки или на социјалните мрежи може да му даде на испраќачот чувство на неказнивост, но мора да признаеме дека нашите институции се активни и способни. Претседателот Гаши е уверен дека испраќачот ќе биде идентификуван и соодветно санкциониран, стои во соопштението. 

Во демократско општество, како што се наведува, нема место за закани, ниту за вознемирување во било која форма.

- Претседателот Гаши ги повикува и охрабрува сите надлежни институции веднаш да постапат во овој случај. Претседателот Гаши нагласува дека сочувствува и ја споделува вознемиреноста на пратениците и нивните семејства. Во моментот кога институциите ќе достават било каква информација за предметниот случај, медиумите ќе бидат веднаш известени од страна на Кабинетот на претседателот, се вели во соопштението.

Министерството за внатрешни работи синоќа информира дека на 25 овој месец во 13:58 часот во полициската станица „Центар“, претставник на една политичка партија пријавил дека на 23 јули 2024 година во 18:15 часот, од непозната електронска адреса, на службените електронски адреси на неколку пратеници во Собранието била испратена порака со заканувачка содржина.

Од МВР посочија дека за настанот е известена Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје и дека се преземаат мерки за расчистување на случајот. мд/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан