Гаши: Борбата против корупцијата мора да биде заедничка
- -Овој феномен е заедничка адреса на секој разурнат систем, извор на проблеми и пречка за секој напредок. За жал, и во нашата земја ја поткопа довербата во институциите, го попречи економскиот развој и придонесе за масовно иселување на младите. Ни треба многу работа во оваа насока, рече Гаши.
Скопје, 5 декември 2024 (МИА) - На одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши истакна дека корупцијата останува голем предизвик за секое општество и држава. Тој потенцираше дека борбата против неа мора да биде заедничка.
-Овој феномен е заедничка адреса на секој разурнат систем, извор на проблеми и пречка за секој напредок. За жал, и во нашата земја ја поткопа довербата во институциите, го попречи економскиот развој и придонесе за масовно иселување на младите. Ни треба многу работа во оваа насока, рече Гаши.
Претседателот на Собранието нагласи дека борбата против корупцијата мора да биде сеопфатна и да вклучува заеднички ангажман на државните институции, невладините организации и сите граѓани.
-Ако корупцијата е болест, транспарентноста е единствениот начин на лекување. Развиваме нови дигитални системи кои ќе ја подобрат отчетноста. Создадовме нов регистар за НВО, платформа која претставува значаен исчекор за формирање и инклузивни политики. Можам да ве уверам дека ќе ја поддржам секоја иницијатива што спречува корупција, додаде тој.
Тој ја поздрави работата на Државната комисија за спречување на корупцијата и другите релевантни институции, нагласувајќи дека борбата против корупцијата не е само должност на државните институции, туку и на секој поединец.
-Треба да обезбедиме конкретни чекори за да ја подигнеме свеста за борба против корупцијата. Само така ќе може да напредуваме кон богато општество кое ги негува вредностите на транспарентност и интегритет. Рамнодушноста ѝ оди во корист на корупцијата, повика Гаши на активност на сите.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) денеска по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата организира настан заедно со партнерите од Проектот на УСАИД за партнерство против корупцијата и Проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Националниот Демократски Институт, и со поддршка на Собранието на Република Северна Македонија.
На настанот што се одржува Собранието на Република Северна Македонија, покрај Гаши, воведно обраќање имаше и претседелката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитриевска и швајцарската амбасадорка Вероник Улман. Во рамки на настанот ќе се одржи и панел-дискусијата „Клучни активности и предизвициво градење систем отпорен на корупција/заклучни согледувања и идни препораки“. ар/нд/