• среда, 21 август 2024

Врховниот суд на Индија формира работна група за безбедност на работното место

Врховниот суд на Индија формира работна група за безбедност на работното место

Њу Делхи, 20 август 2024 (МИА) – Врховниот суд на Индија денеска формираше национална работна група составена од лекари кои ќе дадат препораки за безбедноста на здравствените работници на нивните работни места. Одлуката е донесена по силувањето и убиството на лекарка во Калкута, што предизвика протести низ целата земја.

- Заштитата на безбедноста на машките и женските лекари е прашање на национален интерес и принцип на еднаквост. Нацијата не може да чека уште едно силување за да преземе некои чекори, изјави главниот судија.

Лекарите ширум Индија стапија во штрајк, одржаа протести, маршеви и одбија да примаат пациенти кои не се итни случаи по силувањето и убиството на 31-годишна лекарка на 9 август во главниот град на индиската сојузна држава Западен Бенгал, Калкута.

Сторителот, кој волонтираше во болницата, е уапсен и е обвинет, но семејството на жртвата тврди дека имало групно силување и оти биле вмешани повеќе луѓе.

Судот, исто така, побара од федералната агенција што го истражува убиството да поднесе извештај за истрагата в четврток.

Прекинот на работата на лекарите погоди илјадници пациенти ширум Индија. Тие бараат построги закони за да се заштитат од насилство, вклучително и секој напад врз дежурните лекари да биде прекршок за обвинетите односно да нема можност за привремено ослободување додека трае судењето. ми/

фото: Икс

Остани поврзан