• петок, 23 август 2024

Се интензивираат протестите во Индија по новиот случај на сексуално насилство врз девојчиња

Се интензивираат протестите во Индија по новиот случај на сексуално насилство врз девојчиња

Mумбај, 21 август 2024 (МИА) - Интернет-услугите се во прекин, а училиштата се затворени втор ден по ред во градот Бадлапур во близина на индиската финансиска престолнина Мумбај поради протестите поради наводната сексуална злоупотреба на две четиригодишни девојчиња, објавија локалните медиуми.

Протестите во Бадлапур, 50 километри од Мумбај, се одржуваат паралелно со националните демонстрации за силувањето и убиството на 31-годишната млада лекарка во источниот град Колката (поранешна Калкута).

За време на викендот во училиште во Бадлапур бил уапсен чистач за кого се тврди дека извршил сексуален напад врз ученички, објавија медиумите.

Демонстрантите вчера со часови ги блокираа железничките линии. Бараа правда за децата.

Властите наредија училиштата да останат затворени, а интернет услугите се во прекин втор ден за да се смират протестите, јавија светските агенции, цитирајќи локални медиуми.

Главниот министер на индиската држава Махараштра, Екнат Шинде рече дека случајот ќе биде разгледан по брза постапка. Шинде рече дека протестите се политички мотивирани.

Во Махараштра, најбогатата индиска држава, изборите треба да се одржат годинава, а партијата Бхаратија Џаната (Индиската народна партија) на премиерот Нарендра Моди се соочува со тешка битка против опозициската коалиција.

Опозициските партии во државата повикаа на сенароден штрајк на 24 август. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан