• понеделник, 22 јули 2024

Во Југоистокот ќе се уредуваат и санираат полски патишта во четири општини

Во Југоистокот ќе се уредуваат и санираат полски патишта во четири општини
Струмица, 11 август 2021 (МИА) - Со средства во износ од над 2 милиони и 750 илјади денари ќе се санираат и уредуваат полски патишта во четири општини во Југоистокот. Парите се обезбедени од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по неодамна потпишаниот договор меѓу министерот Арјанит Хоџа и раководителката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова. Како што информираат од Центарот, ќе се санираат полски патишта во Богданци во должина од 691 метри, Валандово 627 метри, Гевгелија 1.625 метри и Струмица во должина од 1.050 метри. -Рекoнструкцијата на овие полски патишта има големо значење за земјоделските домаќинства од регионот со што ќе се овозможи пристап до вкупно 298 хектари плодно земјоделско земјиште во регионот, велат од Центарот за развој на овој регион. Додаваат дека со олеснувањето на пристапот до нивните земјоделски површини, земјоделците ќе имаат поквалитетен и побрз пристап, ќе бидат и помотивирани да ги извршуваат секојдневните обврски на нивите, но и да одгледуваат подоходовни земјоделски култури. рт/свс/

Остани поврзан