• четврток, 07 ноември 2024

Во Собранието презентиран нацрт-извештај за клима и развој од Светска Банка

Во Собранието презентиран нацрт-извештај за клима и развој од Светска Банка

Скопје, 23 јануари 2024 (МИА) – Во Собранието на Република Северна Македонија денеска беше презентиран Нацрт-извештај за клима и развој во Северна Македонија кој што има намера да даде насока на идните ангажмани на економијата и да одговори на климатските влијанија.

Извештајот кој е во фаза на техничка консултација, го презентираше тим од Светска банка којшто појасни како климатските промени влијаат врз регионот и сѐ повеќе се засилуваат и посочи некои инвестиции кои можат да бидат од полза во прилагодувањето кон климатските промени, за да се избегнат загубите.

При презентацијата беше посочено дека Северна Македонија е склона кон многу природни катастрофи и сите тие се поврзани со ризик.

Претставници на Светска банка посочија дека во изминатите години загубите во земјава кои се причинети од катастрофи се огромни, изнесуваат 645 милиони долари, и ова, според нив, е минимумот, бидејќи земјата нема поставен механизам загуби и штети кои што може да ги следи овие податоци.

Тие велат дека земјите од Западен Балкан се појавуваат како жаришта на загревање на планетата и дека смртните случаи поради тоа ќе пораснат на 25 проценти.

Според нив, ова е деценија на итни климатски дејствија, акции и адаптација и без инвестирање во адаптирање на климата, според нив, трошоците за економија ќе бидат значителни.

Посочуваат дека Законот за градежништво и за критична инфраструктура треба да се измени за да може да се вгради климатска отпорност и е неопходно да се подобри отпорноста на клучните транспортни мрежи.

Временска рамка на исполнување на препораките е до 2050, а како дел од препораките што може нашата земја да направи за да се справи со влијанијата на климатските промени, беше посочено да се преиначи производството на јаглен, да се воведе соларна енергија и искористување на ветер.

Во однос на ефектот врз растот на економијата, беше посочено дека апдаптацијата и ублажувањето диктираат каков вид на политики, односно што може да преземеме, за да може да поведеме грижа дека земјата ќе биде подготвена да го ублажи ефектот од климатските промени.

Среднорочна рамка, фискални стратегии и стратегии за анализа на трошоците, климатско буџетирање и механизми за мониторинг и брза реакција на вонредни состојби, беа, исто така, дел од наведените препораки.

По презентацијата тимот од Светска Банка остави простор за прашања и предлози што беа изнесени од дел од пратениците и за кои беше посочено дека ќе бидат земени предвид при изготвување на извештајот. ар/нд/

Фото: Принтскрин

 

 

 

Остани поврзан