• сабота, 23 ноември 2024

Во подготовка извештај и препораки за реставрација на опожарените шуми во Пијанец и Малеш

Во подготовка извештај и препораки за реставрација на опожарените шуми во Пијанец и Малеш
Делчево, 26 мај 2022 (МИА) - Во Делчево се одржа првата работилница на која беше презентиран Нацрт-извештајот за статусот на шумата во пијанечко-малешевскиот регион, што беше зафатена од пожари во 2021 година. На настанот присуствуваа претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јавното претпријатие „Национални шуми“, претставници на институции и невладиниот сектор. Подготовката на Нацрт-извештајот, како што информираше Цветан Николовски од „Фармахем“, се реализира во рамки на Програмата за зачувување на природата во заедничка координација со Швајцарската агенција за развој и соработка и „Фармахем“. - Шумските пожари во последните години во светски рамки зафаќаат дел од шумите и имаат влијание, како врз самиот биодоверзитет и самите шумски екосистеми, така и врз луѓето. По големиот шумски пожар во пијанечко-малешевскиот регион минатата година, Програмата за зачувување на природата во соработка со Бернскиот универзитет за применети науки и со Факултетот за шумарски науки „Ханс Ем“ и Природно-математичкиот факултет од Скопје, започнаа еден проект за реставрација на самиот предел, со цел овој предел да биде отпорен на пожари и во иднина да се креира предел, кој навистина ќе има поголем придонес за луѓето и природата, рече Николовски. Раководителот на Секторот за шумарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Саша Јовановиќ, посочи дека МЗШВ дава поддршка во изработката на Нацрт-документот. - Имајќи предвид дека шумските пожари се општа опасност за чиешто спречување сите сме заинтересирани, изразувам задоволство што денес заедно со поголем број  претставници од институциите можеме да дискутираме на оваа тема и на кој начин и што поскоро да се реставрира шумата. Секторот за шумарство е отворен за соработка со сите заинтересирани субјекти, нагласи Јовановиќ. Професорот на Шумарскиот факултет во Скопје, Никола Николов, додаде дека во понатамошниот период основна работа која ќе треба да се направи е санирање на сегашната состојба, со цел опожарената површина да се доведе во состојба за да може да се обнови шумата. - Сето тоа би се реализирало со учество на нас како стручни лица, кои треба да помогнеме тоа да биде што побрзо, отколку што тоа би го направила самата природа. Притоа треба да се води сметка за самите особености на локалната вегетација, шума, земјоделски површини, пасишта, како и за историските особености на целиот овој регион и пејзаж, посочи Николов. Втората цел, како што потенцираше професорот, е во иднина е да се спречи повторната појава на ваков пожар кој е најголемиот по 1999 година. - Последните насоки или цели кои треба да се постигнат е спречување на повторна појава на ваквите пожари. Тоа вклучува активности во смисла на спречување на појава на пожари преку работа со локалното население во многу аспекти. треба да се работи и на подобрување на капацитети за брза реакција додека пожарите не се развиени за да можат да се санираат и на крај земајќи ги предвид сите социо-економски и демографски карактеристики на регионот да се обидеме да направиме еден предел кој условно би бил отпорен на пожари, што би вклучило сет мерки кои најповеќе се во доменот на управувањето со вегетацијата, додаде Николов. Градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски како домаќин на настанот, додаде дека кога е заштитата на шумите во прашање, мора да се има крајно сериозен и одговорен пристап, порачувајќи дека максимално сите надлежни институции треба да се посветат на превенцијата и на подигање на свеста кај населението за значењето на шумите. - Во таа насока ја нагласувам и потребата од измени законската регулатива и максимално да се зголеми казната за сите неодговорни поединци, но, сметам, исто така, дека треба да се интервенира и во делот - целата изгорена дрвна маса единствено да се даде на располагање на Јавното претпријатие „Национални шуми“, а не на приватни корисници, истакна Трајковски. Општинската комисија за процена на штетите, како што додаде градоначалникот на Делчево, во изминатиот период изготви елаборати за оштетените станбени објекти кои беа зафатени од пожарите, по што најави дека ќе следи исплата за тие штети. Во однос на штетите кои се нанесени на шумска маса, постапката како што дополни ќе продолжи преку Национални шуми. На новинарско прашање дали е планирано пошумување на опожарените места, Трајковски додаде дека по направените испитувања во однос на деградациите на самата почва и влијанието на климатските промени ќе се знае кои дрвја ќе можат да опстојат и каде истите ќе бидат повторно засадени. Втората работилница на која ќе се финализира Извештајот и препораките за реставрација на шумите ќе одржи на крајот на овој месец. вс/сп/

Остани поврзан