Во МНТ комеморација за актерот Владимир Ендровски
- Во Македонски народен театар денеска од 11 часот ќе се одржи комеморација за актерот Владимир Ендровски кој почина неодамна на 60-годишна возраст.
Скопје, 26 септември 2023 (МИА) – Во Македонски народен театар денеска од 11 часот ќе се одржи комеморација за актерот Владимир Ендровски кој почина неодамна на 60-годишна возраст.
- На големата сцена ве покануваме да му одадеме почит на актерот Владимир Ендровски, кој со својот карактеристичен излив на емоции, маестрално подготвени улоги, умешноста и со огромна експлозија на енергија ја пренесуваше од сцената кон публиката сцена и телевизискиот/филмски екран, стои во соопштението од МНТ.
Ендровски дипломира на Факултетот за драмски уметности, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, на отсекот за актерска игра во класата на професор Љубиша Георгиевски, во 1991 година.
На сцената на МНТ официјално е од 1993 година, иако како актер се појавува во претстави и пред дипломирањето.
Дел од неговите улоги се: Далавера змејот во „Рекламна бајка“ (1989), Дромио од Сиракуза во „Забуни“ (1989), Уплавот во „Мир“ (1993), Целе Бумба во „Женски прилог за ноќта“ (1993), Борис во „Буре барут (1994), Манилов во „Мртви души“ (1994), Јован Ангел во „Лепа Ангелина“ (1995), Спасе во „МКС“ (1995), Д-р Алојзие Зилбербрант во „Глембаеви“ (1996), Макрото во „Едмонд“ (1997), Младичот во „Маме му ебам кој прв почна“ (1997), Брајан во „Шопинг анд факинг“ (1998), Антоан во „Мисија“ (1998), Ботар во „Носорог“ (1999), Арнолд Кримп во „Бетмен враќањето на црниот витез“ (1999), Капетан Лебјаткин во „Демони“ (2001), Крадецот во „Павилјони“ (2001), Трајан во „Балканот не е мртов“ (2001), Ристе во „Ослободување на Скопје“ (2002), „Црна дупка“ (2003), Булдог во „Доле влада“ (2004), „Хамлет во транзиција“ (2004), Вадиус во „Една вечер со ..“ (2006), „Троил и Кресида“ (2010), Алексеј Кирилов во „Бесови“ (2011), како и во претставата „Подемот и падот на кабарето“ (2013).
Во филмовите и сериите зад себе ги остави ликовите Дино во серијата „Трст виа Скопје“ (1990) за која ја има добиено и награда на ревијата „Екран“ за најдобро филмско актерско остварување, Трајче во „Пред дождот“ (1994), Доре во „Преку езерото“ (1997), Безимениот во „Збогум на 20-от век“ (1998), Андарт во „Прашина“ (2001), Стипе Прикачин во „Бал-кан-кан“ (2005), затвореникот Варден во „Контакт“ (2005), Коки Лабуд во „Некои поинакви приказни, сегмент: Македонска приказна“ (2010) и многу други. ар/вг/
Фото: МНТ