• сабота, 14 декември 2024

Во Куманово промовирана кампањата „Заедно ставаме крај на насилството врз жени и девојки“

Во Куманово промовирана кампањата „Заедно ставаме крај на насилството врз жени и девојки“

Куманово, 13 декември 2024 (МИА) - Ромската асоцијација за жени и млади „Лулуди“ од Скопје во соработка со Центар за ромска заедница „ДРОМ“ од Куманово денеска во Куманово организираше промотивен настан, дел од кампањата „Заедно ставаме крај на насилството врз жени и девојки“.

Претставници од повеќе институции од државните органи ги презентираа услугите кои ги нудат на жените и девојките, жртви на насилство.
Во рамки на кампањата организацијата спроведува неколку јавни средби на локално ниво во повеќе општини и градови во државата, со цел општото население со особен фокус на жени, девојки и млади од маргинализирани групи одблиску да се информираат за постојните сервиси, начините на пристапување кон нив на локално и национално ниво, како и подигнување на нивото на едукација за своите права за заштита, превенција и спречување на родово базирано и семејно насилство врз жени и девојки.

- Има одредено подобрување во однос на почитувањето на протоколите кои се пропишани во институциите, сепак има одредени недостатоци кои се надеваме дека преку вакви средби ќе се надминат. Како пример може да посочам дека во полициска станица во Скопје, жена – жртва на семејно насилство даваше исказ во несоодветна просторија или друга жртва на семејно насилство требаше да плати партиципација за преглед во здравствена установа или да плати фотокопија од дадена изјава. Не станува збор за голема сума пари, но, сепак институциите треба да се свесни дека жената избегала од насилничката средина без документи, без пари и тука треба да се поработи, изјави претседателката на асоцијацијата, Кјмет Амет.

Таа порача жртвите да го пријават насилникот.

Од кумановското здружение „Мајка“ кажаа дека во кризниот центар на неделно ниво поддршка бараат најмалку по три жени - жртви на семејно насилство. Од отворањето на центарот поминаа скоро две и пол години и, како што соопштуваат невладините, радува фактот дека жените се охрабруваат и пријавуваат. Повозрасните сè уште се ранлива категорија и се случува и покрај пријавата да се вратат во насилничката средина.

- Во центарот пронаоѓаат едно мирно место каде што може да ја споделат својата приказна за насилството, да стекнат доверба во нашите членки што се вработени таму. Тие им помагаа да поминат низ оној процес на институции каде што пристапот е малку поинаков и често се случува жените да се вратат во средината. Имаме и оние кои и покрај пружената поддршка се враќаат во домот со насилникот, изјави Лидија Илиевска од „Мајка“. ам/мд/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан