• недела, 23 февруари 2025

СДСМ: Политиките со „кошнички“ се покажаа како целосно промашени

СДСМ: Политиките со „кошнички“ се покажаа како целосно промашени

Скопје, 15 јануари 2025

Стандардот на граѓаните се влошува од ден на ден како последица од погрешните економски политики на власта предводена од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Таканаречените „кошнички“ се покажаа како целосно промашување. Наместо да го олеснат животот на граѓаните, тие предизвикаа уште поголема скапотија и го срушија стандардот на граѓаните.

Наместо да се намалт цените на основните производи се зголемија. Зејтинот, јајцата, шеќерот, млечните производи, грашокот, гравот и леќата, се е поскапено.

Оваа сурова реалност граѓаните ја гледаат во маркетите и продавниците и ја живеат секој ден борејќи се со обезбедување на основните потреби за своите семејствата.

Последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека трошоците за живот во декември 2024 година се зголемени за 4,4%, а цените на основните производи пораснале за 4,3%.

Се зголеми и инфлацијата, во декември 2024 година е за 4,4 проценти повисока.

Овие податоци јасно укажуваат дека политиките на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се целосно промашени и погрешни.

СДСМ како одговорна партија предложи конкретни мерки за подобрување на животниот стандард на граѓаните: зголемување на минималната плата, укинување на ДДВ за основните производи за реално намалување на цените и покачување на платите во повеќе сектори.

Сите овие предлози беа одбиени од страна на ВМРО-ДПМНЕ со невидена тврдоглавост и арогантност.

Политиките на Мицкоски се насочени кон заштита на интересите на големите трговци и бизнис-елитата, додека обичните граѓани плаќаат висока цена. Големите трговци се збогатија, а десетици милиони евра се извлечени од џебовите на граѓаните со амин на оваа влада.

Оваа политика ја потврдува неговата поданичка позиција кон бизнис интересите и ја зголемува економската несигурност на семејствата.

На прашањето дали се работи за неспособност или за отплаќање на долгови кон бизнисот, граѓаните веќе го знаат одговорот.

Едно е сигурно – ваквата политика мора да престане за да се врати економскиот баланс и да се спаси стандардот на граѓаните кој се намалува од ден на ден со оваа влада.

 

Прес конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ

СДСМ - Центар за комуникации со јавноста

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан