• четврток, 20 февруари 2025

ЈОУ Дом за стари лица „Сју Рајдер“-Битола ќе отвори Центар за дневно згрижување на стари лица

ЈОУ Дом за стари лица „Сју Рајдер“-Битола ќе отвори Центар за дневно згрижување на стари лица

Битола, 15 јануари 2025 (МИА) - Јавната општинска установа Дом за стари лица ,,Сју Рајдер“ Битола чија дејност е сместување на стари, изнемоштени и хронично болни лица во рамки на својата дејност и своите просторни капацитети ќе воведе нова социјална услуга, Дневен центар за дневно згрижување на стари лица.

Според Марина Крстиќ, директорка на ЈОУ Дом за стари лица „Сју Рајдер“ обезбедувањето квалитетни и достапни услуги од социјална заштита ce едни од главните цели на сите системи за социјална заштита со широк спектар на пристапи во обезбедувањето услуги од социјална заштита за корисниците.

- Социјалната услуга Дневен центар за дневно згрижување на стари лица ќе стартува откако ќе биде обезбеден кадар и се донесат потребните одлуки и согласности од надлежните институции за работа. Првата одлука ја донесе Советот на Општина Битола и со тоа отворен е патот за следни активности. Во следниот период низ соодветна процедура и апликација очекуваме согласност за работа да добиеме и од Министерството за социјална политика, демографија и млади и на тој начин да се овозможи реализација на нашата идеја, изјави за МИА, Крстиќ.

Новата социјална услуга ќе биде наменета за дневен престој на 10 до 15 стари лица кои во Домот ќе се дружат со други стари лица и ќе учествуваат во социјални активности. Услугата ќе може да ја користат стари лица на кои им е потребна секојдневна нега и надзор со што се излегува во пресрет на нивните семејства кои не се во можност да се грижат заради нивните дневни професионални обврски. Во девниот центар ќе се обезбедува исхрана, здравствена заштита, терапија, забава и рекреативни дејности. Посебно внимание се посветува на културната, едукативната и забавната страна на животот, бидејќи целта е со престојот во Центарот, на старите лица да им се збогати духовниот живот, информираат од ЈОУ Дом за стари лица „Сју Рајдер“-Битола.

Придобивките од оваа социјална услуга за старите лица се активно стареење на старото лице, социјализација, исклучување на монотонијата од секојдневниот живот, а придобивките за членовите на семејството се што истите ќе може да ги спроведуваат своите работни обврски додека старото лице е згрижено во дневниот центар.

Битолскиот Дом за стари лица има можност и ќе ги искористи и преуреди постоечките просторни капацитети кои не се во функција без дополнителни капитални инвестиции или реконструкции и без никакви дополнителни финансиски трошоци за спроведување на оваа социјална услуга. мт/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан