• недела, 24 ноември 2024

Во Куманово по 18-ти пат ќе се одржи „Тамбурашки фестивал“

Во Куманово по 18-ти пат ќе се одржи „Тамбурашки фестивал“
Куманово, 22 август 2022 (МИА) - По 18-ти пат на градскиот плоштад во Куманово на 26 и 27 август (петок и сабота) ќе се одржи Меѓународниот тамбурашки фестивал, најавија денеска од Фондацијата за култура и спорт. Годинава на двете фестивалски вечери ќе настапат седум оркестри од државата и од регионот. Фестивалот го организира Фондацијата за култура и спорт со поддршка на градоначалникот и Советот на општината. -Ја користам можноста да ги поканам граѓаните да излезат и заеднички на градскиот плоштад да уживаме во звуците на тамбурата, повика в.д. директорот на Фондацијата за култура и спорт, Марио Арангеловски. В петокот фестивалот ќе го отворат „Симфониум“ од Куманово, „Охридски бисери“ и Петар Нечовски, по што ќе следи настапот на градскиот тамбурашки оркестар „Пљевља“ од Црна Гора и група „Легенде“ од Србија. Втората вечер, в сабота, ќе настапи тамбурашки оркестар „Табиет“ од Свети Николе, тамбурашки оркестар „Мајшперк“ од Словенија, а фестивалот завршува со настап на „Нокаут“ и Игор Џамбазов. Овој фестивал, посочија од Фондацијата, се етаблираше во еден од најреномираните на Балканот. Досега учествувале над 130-тина тамбурашки оркестри со повеќе од 450 изведувачи. Фестивалските вечери почнуваат од 20:30 часот. ам/мд/

Остани поврзан