• вторник, 24 декември 2024

Левица: Касами ги злоупотребува јавните ресурси за антидржавни кампањи

Левица: Касами ги злоупотребува јавните ресурси за антидржавни кампањи

Скопје, 23 ноември 2024

Во Тетово, секој ноември градоначалникот Касами поддржан од своите коалиционери партнери, ДПМНЕ, води своеволна, антидржавна и противзаконска кампања. 

Имено, на тетовските улици, спротивно на Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, се развеани албански знамиња, односно: две албански и по едно или ниедно македонско знаме! Потсетуваме дека за непочитување на законските одредби предвидени се глоби, но, Касами, заштитен како бела мечка од ДПМНЕ, и натаму останува неказнет.

Во текот на целиот месец, Општина Тетово, по налог на Касами и коалицијата, финансира проекти и манифестации кои ги промовираат големоалбанските апетити. Овие настани се финансирани од општинскиот буџет – средства кои припаѓаат на сите граѓани, но константно се користат исклучиво за една етничка заедница. На овој начин, јавните пари се насочуваат кон унапредување на личните и политички цели на градоначалникот.

Секоја година се организираат настани како што се: глорификација на блискоисториски ликови од УЧК, чествувања на „Денови на Наим Фрашери“,  Денот на албанската азбука, Денот на албанското знаме, како и други настани со етнички предзнак. Сите овие активности се финансирани од Општина Тетово, притоа, маргинализирајќи го македонското население, кое ниту е вклучено, ниту пак добива каква било поддршка за одбележување на значајни празници или настани од своето културно-историско наследство. Најскорашен пример за оваа антидржавна настроеност на Касами беше на 19 ноември (80 години од ослободувањето на Тетово од фашистичкиот окупатор), кога градоначалникот на тетовчани не им го ни честита овој ден, не положи цвеќе, не потпиша никаква благодарност и уверение, а не пак да одвои денар од општинскиот буџет за соодветно чествување на овој значаен датум и јубилејна година за Тетово.

За нас е скандалозно и нејасно, како советниците од македонски блок поддржуваат вакви сецесионистички настроени настани, програми и буџети?! Молкот на советниците од СДС, а особено на ДПМНЕ коишто се во коалиција со Касами и заедно на власт – допринесува македонското население во Тетово да биде игнорирано, дискриминирано, омаловажувано и маргинализирано. 

 

Сектор за медиуми и односи со јавност при ПП Левица 

________________________________________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан